Футсал: Лакрдија ни ја одзеде историјата

 

Македонија и покрај двете победи во групата нема да игра во баражот за СП во футсал, откако последниот меч меѓу Италија и Словачка заврши со крајно сомнителен резултат, па Словаците со победата од 2-1 над фаворитот стигнаа до толку посакуваното второ место. Со оваа победа на Словачка се направи круг од три селекции со идентичен скор од две победи и еден пораз, при што Македонија „извиси“ поради убедливиот пораз од Италија на стартот од натпреварувањето.

Почетокот на дуелот најави лесна задача за „аѕурите“, кои со голот на Патијас по неполни три минути игра поведоа со 1-0. Тогаш дојде до неочекувано тактизирање во играта на фаворитот, што беше искористено од страна на мотивираните Словаци за пресврт во периодот од 28. до 30.минута. Италијаните доцна се разбудија, во финишот целосно ја превзедоа иницијативата, но со оглед на фактот дека поразот не им го одзеде првото место, не беа премногу мотивирани за камбек. Словачкиот голман Херко имаше свој ден бранејќи 13 од 14-те удари во рамките на неговиот гол, на спротивната страна Словачка даде два гола од три удари кон голот на Италија, за кршење на срцата на македонските репрезентативци.

За жал, лакрдијата на овој натпревар ја одзеде историјата и огромниот успех на нашата репрезентација, на која ниту двете победи не и беа доволни за пласман во следната фаза од квалификациите за СП 2016 во Колумбија.

 
 
13.12.2015 - 19:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега