Беџети на конференција за корупција во Загреб
Министерот за правда Блерим Беџети денеска и утре ќе учествува на Конференција за регионална соработка за спречување на корупцијата на земјите на Југоисточна Европа, што се одржува во Загреб, Хрватска.
На конференцијата, организирана од Секретаријатот на Регионалната Антикорупциска иницијатива (РАИ) и Министерството за правда на Хрватска, ќе се разговара за главните достигнувања на РАИ и ќе бидат идентификувани главните предизвици со кои се соочува иницијативата.
Форумот, како што информираат од Министерстото за правда, ќе биде можност земјите членки и партнери да ги споделат своите ставови во врска со придобивките и идните очекувања на соработката со РАИ.
Главниот дел на настанот ќе биде посветен на потпишувањето на Протоколот за измена на Меморандумот за разбирање во врска со РАИ кој е првично потпишан од страна на РАИ земјите-членки во Загреб во април 2007 година.
Со потпишувањето на Протоколот за измена на Меморандумот за разбирање, дополнително ќе биде осигурана соработката со земјите потписнички за спречување на корупцијата, како и на финансиската одржливост на РАИ Секретаријатот.