Никој во Грција - Еве каде ќе одат на одмор македонските политичари

 

Некои ќе пливаат на море, некои ќе се ладат во леген, а некои од жешкото лето ќе избегаат на планина. Некои ќе останат и дома, не поради тоа што немаат пари, туку од редица објективни причини - што мали бебиња, што од здравствени проблеми

И политичарите се луѓе, зар не! И тие како и целиот нормален свет одмораат и одат на одмор. Некои ќе пливаат на море, некои ќе се ладат во леген, а некои од жешкото лето ќе избегаат на планина. Некои ќе останат и дома, не поради тоа што немаат пари, туку од редица објективни причини - што мали бебиња, што од здравствени проблеми. За нашите ни пратеници годишниот одмор започнува веднаш по празникот Илинден, а ќе одмораат цели три недели, поточно до крајот на август. На одмор ќе заминат и дел од министрите, но се уште не прецизирале во кој период ќе летуваат, пишува Вечер

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева во изјава за Вечер открива дека повеќе сака да избега на планина отколку да се сонча на некоја плажа. Сепак, вели годинава одморот ќе го искористи за да му се посвети на семејството.
- Се уште не сум го испланирала одморот, но најверојатно ќе бидам дома. Бидејќи најмногу ме одмора планина, можеби ќе испланираме во август еден или два викенди да отидеме на Попова Шапка, но поголемиот дел од одморот ќе го поминам дома - вели Бонева.

Министерот за образование Спиро Ристовски се премислува дали да си даде неколку дена за да избега од министерските обврски.
- Поради министерската промена, не знам дали летово ќе имам можност да испланирам летување. Доколку, сепак, успеам да издвојам неколку дена, со сопругата и ќерката најверојатно ќе отпатуваме за Хрватска на 7 дена - вели Ристовски.

Приновата во семејството и најмладиот член Лиза е причината што семејството на министерот за економија Ваљон Сараќини ова лето ќе летува дома под клима.
- Оваа година нема да одам никаде, но нема ни да користам одмор, бидејќи имам премногу обврски за да заминам надвор од државата. Освен тоа, започна и Рамазанскиот пост кога сите остануваат дома, а и дома ни е најубаво покрај нашата ќеркичка Лиза - открива Сараќини за Вечер.

Со сопругата и петгодишното синче годинава во Црна Гора ќе летува поранешниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски.

- На одмор веројатно ќе одиме во август. Планираме да отпатуваме за Црна Гора, во Петровац. Има и планини во близина - тоа мене ме интересира, сопругата пак сака повеќе море, па така ќе бидат задоволени сите желби. Кај нас дома министер за финансии е сопругата, таа се грижи за попустите и промоциите за аранжманите, па буџетот за одмор е во нејзина надлежност - вели Милошоски.

Плажата годинава ќе ја прескокне и Амди Бајрам. Во изјава за Вечер тој открива дека кон крајот на овој месец ќе има хируршка интервенција, па поради тоа нема да оди на море.
- Ова лето, за жал, нема да отидам никаде. Не планирам одмор од две причини, имам преголеми партиски обврски, а за дваесетина дена имам закажано и операција на окото. Плажа, здравје догодина - вели Бајрам. 

Поради обврските како лидер на СДСМ и градоначалник на Струмица, одморот со семејството се уште не го испланирал ниту Зоран Заев. На летување ќе одат до крајот на летото, но се уште не прецизирале на која плажа ќе се сончаат, ниту во кој термин ќе отпатуваат.

најчитано сега