Капитални проекти во Кисела Вода - продолжува одличната соработка со Градот

 

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ и директорите на јавните градски претпријатија, денеска одржаа средба со претставници на урбаните и месните заедници од општина Кисела Вода, во рамки на тринаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје.

Градоначалникот Трајановски направи краток осврт на досегашната соработка и проекти коишто се реализирани во Кисела Вода, а најави и дел од капиталните проекти кои ќе се реализираат во наредниот период.

 - Најголемиот проект кој го реализиравме изминативе години се двете фази од капиталниот проект за реконструкција и проширување на булеварот „Борис Трајковски". Со овој проект во првата фаза булеварот се прошири на потег од Рампа до крстосницата со улицата Народни херои во должина од 1.380 метри, додека во втората фаза на потег од крстосницата со булеварот Србија до влезот во поранешната фабрика „Стакларница“ во должина од 1.126 метри. Во двете фази од проектот за проширување и реконструкција на булеварот „Борис Трајковски" Градот Скопје вложи околу 4 милиони евра, пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој и од Буџетот на Град Скопје. Во наредниот период Град Скопје ќе ја реализира и третата фаза од овој проект, каде што ќе се прошири улицата на потегот од фабриката „Стакларница“ кон населбата Драчево и ќе се изврши комплетна промена на подземната инфраструктура, со изведба на тротоари и на ново улично осветлување. Наредната година ќе почне и проектот за продолжување на булевар Србија преку пунктот на ЈП „Улици и патишта" со изградба на нов кружен тек, како и изградба на улицата „Есенинова" - изјави градоначалникот Трајановски.

Градоначалничката Беличанец-Алексиќ го поздрави овој вид на соработка и комуникација каде што претставниците на урбаните и на месните заедници имаат можност директно да комуницираат и соработуваат со градоначалникот и со директорите на јавните претпријатија.

-  Она што сакам да го истакнам како градоначалник на Општина Кисела Вода е дека ние во изминатиот период го заокруживме циклусот посети на месните и урбаните заедници од овој дел на градот, на кои ги евидентиравме барањата на граѓаните, увидовме какви се нивните потреби, но и лоциравме проблеми од кои дел се во наша, но дел се и во надлежност на градот. Сметам дека ваквите средби на службите на градот со претставниците на урбаните и месните заедници од општина Кисела Вода, на кои граѓаните во прво лице разговатаат  со надлежните за проблемите и можноста за нивно надминување, се уште еден чекор напред во продлабочувањето на соработката и можност за остварување на проекти кои се во интерес на граѓаните. Во секој случај, морам да го изразам задоволството и од досегашната соработка со градот Скопје и со јавните претпријатија и се надевам дека добрата комуникација и соработка ќе продолжи и понатаму - кажа Беличанец-Алексиќ.

 
 
12.11.2015 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега