Потешко повредени двајца пешаци во Скопје
На подрачјето на Град Скопје во текот на вчерашниот ден се случиле 13 сообраќајни незгоди од кои во две незгоди со тешки телесни повреди се здобиле два пешака, кај шест има материјална штета, а во пет со полесни повреди се здобиле тројца возачи на патнички возила, двајца сопатници и еден патник во автобус.
Првата несреќа се случила во 16:20 часот на ул. „Призренска“ во близина на куќа бр. 59 во населба Кучевишка Бара во која учествувале патничко моторно возило „голф“ и пешак. Во незгодата пешакот од страна на учесникот во несреќата бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди и е задржан на понатамошно лекување.
Втората незгода се случила во 17 часот на крстосницата од бул. „Кузман Јосифовски Питу“ и ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ во која учествувале мопед и пешак. Како последица од незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот.
Денеска и во текот на утрешниот ден по повод верскиот празник Задушница се очекува зголемен интензитет на сообраќајот по сообраќајниците кои гравитираат кон и околу гробиштата во градот Скопје и околината, а особено на градските гробишта „Бутел“, „Камник“ и „Горче Петров“.
Вообичаено најголемиот интензитет на сообраќај се очекува во сабота во времето од 9 до 16 часот на Градските гробишта „Бутел“ кога ќе биде воведен и посебен режим на одвивање на сообраќајот.
Од сообраќајната полиција апелираат сите учесници во сообраќајот да бидат трпеливи и да ги почитуваат инструкциите и наредбите што ќе им бидат давани од полициските службеници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа