ШК „АЛКАЛОИД“ го објави комплетниот состав за настап на Европскиот Клупски Куп
Најуспешниот клуб во шаховската историја на Македонија, ШК „Алкалоид“ ја комплетираше својата екипа со која ќе настапи на најсилното клупско шаховско натпреварување – Европски Клупски Куп (European Club Cup), кое годинава ќе се одржи во Скопје, од 17 до 25 октомври.
Покрај претходно најавените петмина силни Велемајстори од топ 50 на светската рејтинг листа, меѓу кои: Евгениј Томашевски, Дмитриј Јаковенко, Василиј Иванчук, Дмитриј Андрејкин и Јури Криворучко, како и македонските шахисти ИМ Филип Панчевски и ВМ Трајко Недев, ШК „Алкалоид“ добива уште едно меѓународно засилување - кинескиот Велемајстор Ју Јангји од Кина.
Иако има само 21 година, рангиран е на 30-то место на светската рејтинг листа со 2.721 поен. Велемајстор од 2009 година, репрезентативец на Кина (која последниве години доминира во светскиот екипен шах) и победник на неколку значајни турнири. Го вбројуваат меѓу перспективните силни велемајстори и е најмлад играч во составот на ШК „Алкалоид“ за ЕКК 2015. Негови позначајни успеси се:
·
2004 Светско јуниорско до 10 години, дели 1 место.
·
2013 Светски јуниорски шампион до 20 години.
·
2014 Шампион на Кина.
·
2014 Шампион на Азија.
·
2014 Победник на QatarMasters, каде што го победува и поранешниот светски шампион Владимир Крамник, и еден од водечките светски играчи Аниш Гири.
·
2014 Член на репрезентацијата на Кина која освојува златен медал на Олимпијадата во Тромсо, Норвешка (личен резултат 9,5 поени од 11 партии).
·
2015 Златен медал со репрезентацијата на Кина на Светскиот Екипен Шампионат.
·
2015 Победник на International Capablanka Memorial Tournament, Havana–Cuba.
Конкуренцијата на претстојниот ЕКК 2015 ќе биде исклучително силна. Листата ја предводи екипата на двократниот европски шампион „Сокар“ од Азербејџан, а го следат „Сибир“ и „Медни Всадник“ од Русија „Нови Бор“ од Чешка и „Обиетиво Рисарцименто Падова“ од Италија. Согласно иницијално објавената листа на организаторот на турнирот, ШК „Алкалоид“ е рангиран на петтото место.
Сите информации поврзани со ШК „Алкалоид“ се и ќе бидат достапни на новата веб-страна на клубот: www.chessclubalkaloid.org
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа