Дијаспората најверојатно нема да гласа на изборите во април

 

Македонската дијаспора најверојатно ќе го загуби правото на глас на априлските избори. Извори од преговарачките тимови за Сител брифираат дека позициите се премногу далеку за да може да се најде компромис, поради што, голема е веројатноста трите пратенички места да бидат суспендирани во следниот пратенички мандат.

Сител дознава дека албанските политички партии биле против гласањето на дијаспората, а СДСМ испорачувале нереални барања чија единствена цел била дијаспората да нема свои претставници во македонското Собрание. Нашите извори велат дека преговарачкиот тим на СДСМ побарал пратеник од дијаспората да може да стане само оној кандидат кој ќе освои 85% од гласовите на кандидатите кои стануваат пратеници во македонските изборни единици. Познавачите на состојбите велат дека со овој цензус СДСМ сака да се осигура дека дијаспората нема да добие свој претставник во Македонија, а од опозициската партија не биле расположени ниту да ги прифатат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, да се отворат повеќе избирачки места во трите изборни единици надвор од нашата земја како и цензусот за избор на пратеник да се покачува постепено, од еден во друг изборен циклус.  Странските олеснувачи излегле со став за укинување на гласањето во дијаспората доколку партиите не излезат со заеднички став.

Како што дознава Сител  избирачкиот список ќе се филтрира со вкрстување на податоците кои ги имаат повеќе државни институции откако СДСМ се откажале од своето барање за активна регистрација на гласачите. И покрај поддршката од ДПА, ДУИ останале на својот цврст став против активната регистрација по што СДСМ го повлекле своето барање иако партијата обвинуваше за сериозни неправилности во избирачкиот список.

Во однос на изборниот модел априлските избори најверојатно нема да претрпат никакви промени. Иако преговарачите на СДСМ барале една изборна единица, сите останати учесници се согласиле дека ќе се гласа во 6 изборни единици како што беше и до сега.
ОД СДСМ побарале партиските членови да се вратат во Општинските изборни комисии иако токму нивната влада во 2006 одлучи избирачките комисии да бидат составени само од обучени административци кои се бираат по случаен избор. По ова барање на СДСМ не изостанале реакциите дека опозициската партија делува контрадикторно, односно од една страна бара деполитизација на изборните органи а од друга внесува партиски членови во нив.
Во врска со државната изборна комисија, договорено е СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да имаат по двајца свои претставници, додека ДУИ и ДПА да ги претставува по еден член. Останатите тројца членови на ДИК ќе бидат независни експерти кои Собранието ќе треба да ги избере со консензус.
Албанските политички партии барале ДИК да одлучува со Бадентерово мнозинство по приговори за изборите. ВМРО-ДПМНЕ не се согласиле со овој предлог додека во СДСМ биле воздржани.
Опозициската партија побарала и комплетен медиумски мрак за време на изборната кампања. Покрај регулација на јавниот сервис, од СДСМ побарале и строга регулација на приватните медиуми кои според предлозите на СДСМ нема да смеат да емитуваат платена политичка програма во ударните термини, а на редакциите да им се забрани правото на коментар и изразување на новинарски ставови.

Согласно Договорот од Пржино утре истекува последниот рок во кој партиите ќе треба да Собранието да му го предложат новиот Закон за изборните регулативи. Извори од преговорите за Сител велат дека претстои долга ноќ преговори по која се очекува, утре изборниот пакет да добие зелено светло од пратениците.

 

 

Оцени ја веста

05.10.2015 - 16:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега