Јани Макрадули нов заменик министер за информатичко општество и администрација?
Дали Јани Макрадули ги закопа воените секири со својата некогаш блиска пријателка Радмила Шеќеринска?
Ова прашање се повеќе се поставува во опозициските кругови особено откако протече информацијата дека токму поранешниот потпретседател на македонското Собрание, Макрадули ќе биде новиот заменик министер за информатика и јавна администрација. Покрај оваа позиција, името на Јани Макрадули како што дознава Press24 од високо позиционирани извори на Бихаќка, се споменува и како можно кадровско решение за местото Претседател на Државната изборна комисија.
Јани Макрадули до неодамна работеше во една од фондациите на Трифун Костовски, заедно со некогаш високо позиционираниот кадар во Центарот за комуникации на СДСМ, Ивор Мицковски.
Освен за Јани Макрадули, функција во една од комисиите кои произлегуваат од Договорот во Пржино како што дознава Press24 се чува и за поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев.
И тој и Јани Макрадули важат за луѓе кои се блиски до поранешниот Претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски а по преземањето на партијата од страна на Заев и двајцата беа дистанцирани од партиските активности и немаа никакви партиски функции.
Во СДСМ веќе се шпекулира дека Заев на овој начин се обидува да го привлече членството кое му е лојално на Црвенковски, а беше дистанцирано од партијата и неретко јавно изразуваше незадоволство од постапките на актуелното раководство.
И Зоран Заев вчера самиот потврди дека неговата партија е подготвена да испорача кадровски решенија за министерските и заменичките места кои им припаднаа по Договорот во Пржино, но не излезе со конкретни имиња.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа