„Повеќе ни штетат отколку што помагаат“ - тројца Македонци во новиот албански Парламент
Во новиот Парламент на Албанија повторно има тројца Македонци, но како дел од албанските партии и тоа од Социјалистичката и Демократската партија. Сите тројца биле пратеници и во претходниот состав биле пратеници.
Според весникот „Македониум“, од Социјалистичка партија има двајца пратеници со македонско потекло, Намик Докле по потекло од Гора и Таулант Бала по потекло од Голо Брдо. Миќерем Тафај, пак, е пратеник со македонско потекло од Демократската партија. Тафај е министер за образование во заминување, по потекло од Требиште, Голо Брдо.
- Но, овие пратеници не само што не се декларираат како Македонци туку напротив прават најмногу штета на македонските интереси во Албанија. Како еден од многуте примери е однесувањето на министерот Тафај, кој го попречуваше спроведувањето на курсот по македонски јазик во Голо Брдо, пишува „Македониум“.
Грлчките медиуми пишуваат дека новиот албански законодавен дом нуди “грчка боја“, затоа што, шестмина од 140 пратеници се со грчко потекло. Освен Вангел Дуле, лидерот на Партијата за заштита на човековите права, кој не ја крие етничката припадност, во албанскиот Парламент има уште петмина грчки пратеници, кои ги кријат своите корени. Тоа се Вангел Таво, екс потпретседател на албанскиот Парламент и министер за здравство во заминување, Андреа Марто, Луиза Џувани, Анастас Ангели и Василика Хиси.