Евробаскет: Шпанија прв финалист
Репрезентацијата на Шпанија е првиот финалист на Евробаскетот откако синоќа во полуфиналето ја совлада Франција со 80:75 (17:20; 15:13; 16:23; 18:10; 14:9) по продолжение откако по 40 минути беше 66:66. За Шпанија ова ќе биде четврто финале на последните пет Европски првенства.
По три четвртини Франција имаше предност од осум поени (56:48), но „црвената фурија“ во последните четвртата четврина предводена од Гасол се избори за предност, а Никола Батум на 14 секунди докрајот постигна тројка за изедначување и продолжение. Во дополнителните пет минути двете селекции се менуваа во водството, а Франција по предноста од 75:72 не постигна кош во последните 87 секунди, додека Шпанија направи серија од 8:0 што беше решавачка за победата.
Пау Гасол со 40 поени и 11 скокови беше најдобар на теренот, додека кај Франција Батум и Нандо Де Коло постигнаа по 14 поени.
Дуелот Шпанија – Франција го следеа 26.922 гледачи што е нов рекорд по посетеност на еден кошаркарски натпревар во Европа.
Шпанија во неделното финале ќе игра со победникот од второто полуфинале меѓу Србија и Литванија. Овој натпревар се игра вечерва со почеток во 21 часот.
Со пласманот во финалето Шпанците обезбеди учество на ЛОИ во Рио де Женеиро.
Во натпреварите за пласман од 5-8.место Грција ја победи Летонија со 97:90, а Италија беше подобра од Чешка со 85:70. Грција и Италија обезбедија место во олимписките квалификации, додека за седмото место (последно за олимписките квалификации) ќе играат Летонија и Чешка. Почетокот на овој дуел е во 18:30 часот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа