Англиските клубови потрошиле вртоглави 1,22 милијарди евра на трансфери
На Островото и официјално вчера заврши преодниот рок, кој беше бурен во последните денови, но сепак не во толкава мера каква што сме навикнати од премиерлигашите во последните неколку години.
Како по обичај и овој 1.септември имаше „бомба“, а тоа е Антони Мартиал од Монако, 19-годишен напаѓач кој потпиша за Манчестер Јунајтед за неверојатни 50 милиони евра.
Инаку, клубовите од Премиер лигата не штедеа пари ниту во овој преоден рок, па така потрошија речиси 900 милиони фунти, или околу 1,22 милијарди евра.
Манчестер Сити потроши најмногу, а ги ангажираа Кевин Де Брујн за рекорден клупски трансфер од 79 милиони евра. Големи пари потрошија за Рахим Стерлинг, Николас Отаменди и Фабијан Делф. Вкупно „Граѓаните“ потрошија 210 милиони евра.
На второто место е Манчестер Јунајтед со потрошени 157 милиони евра, а речиси една третина од оваа сума ја издвоија за Антони Мартијал.
Пред него на „Олд Трафорд“ пристигнаа Серхио Ромеро, Бастијан Швајнштајгер, Матео Дармијан, Мемфис Депај, Морган Шнајдерлин.
На третото место според потрошени пари е Ливерпул. „Црвените“ издвоија 120 милиони евра за засилувања, а голем дел од овие пари ги дадоа за Кристијан Бентеке и Роберто Фирмино.
Шампионот Челзи не се расфрлуваше со пари како во претходните неколку години, па со 100 милиони евра се најдоа на четвртото место.
Најголем трансфер на Жозе Мурињо ова лето е Педро од Барселона.
Од големите англиски тимови најмалку пари потроши Арсенал, вкупно 17 милиони евра. Нивното единствено засилување е Петр Чех од Челзи. Норич и Свонси се единствените тимови кои ова лето потрошиле помалку од Арсен Венгер.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа