Јанкуловска: Поголема безбедност во сообраќајот ќе значи помалку жртви и трагедии

 

За исплата на штети настанати од сообраќајни несреќи се одлеваат дури 2 до 3 отсто од македонскиот БДП годишно.Овој процент може значително да се намали доколку осигурителните компании почнат да вложуваат во подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата. Ова е главната порака што ја упати д-р Алан Рос, креаторот на декадата на ОН за безбедноста во сообраќајот на патиштата и главен консултант на Светска банка за безбедноста на сообраќајот на патиштата, на тркалезна маса на тема „Улогата на осигурителните компании во градењето на култура и етика во сообраќајот и зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“, организирана од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

- Со вложувањето во безбедноста на сообраќајот на патиштата осигурителните компании со текот на времето можат да ги зголемат своите приходи за 7 до 8 пати поради намалувањето на исплатата на штетите настанати од сообраќајните несреќи, рече Рос.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која се обрати на тркалезната маса порача дека поголема безбедност во сообраќајот ќе значи помалку жртви и трагедии и помалку штети.

- Верувам дека инвестирањето во неа е заеднички интерес и потребно е вклучување и на осигурителниот сектор во соработка со државните институции. Ние сме силно обврзани не само да се обидуваме, туку конкретно и упорно да дејствуваме во зголемувањето на безбедноста во сообраќајот. Искрено жалам што јавноста соочена со трагични вести, како неодамнешната во Куманово кога во еден момент изгубивме шест животи, најчесто само тогаш ја прифаќа и има разбирање за полициската строгост и репресивност во поглед на прекршителите на Законот за безбедност на патиштата. Факт е дека човечките животи немаат цена, но не смееме да ги игнорираме ниту останатите последици кои се далеку од занемарувачки. Почнувајќи од медицинските трошоци за лекување, па се до материјалната штета, според проценките во некои земји, овие финансиски импликации од сообраќајните незгоди изнесуваат и до неколку проценти од годишниот буџет. Во наши услови тоа би значело стотици милиони евра, кои заради непознавање или непочитување на сообраќаните правила и прописи се излеваат од приватните џебови или од државната каса, нагласи Јанкулоска во своето обраќање.

МВР, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е должно да се грижи за почитување на одредбите од оваа регулатива, вклучително и на нормите кои се однесуваат на учеството на нерегистрирани возила во сообраќајот, санкционирање на прекршителите, исклучување на таквите возила од сообраќај и слично.

Во 2011 година по основ на нерегистрирани возила МВР прекршочно санкционираше 16.901 возач, додека од сообраќај беа исклучени 11.581 возило. Лани, пак, беа поведени прершочни постапки против 18.507 возачи, а зголемена беше и бројката на исклучени возила од сообраќај - 14.151 возило. Во 2011 година евидентирани се 41 неосигурено возило кои учествувале во сообраќајни незгоди, а минатата година тој број изнесува 46. Во првите четири месеци од годинава прекршочно се санкционирани 3.261 возач во споредба со 3.819 возачи за истиот период лани, а од сообраќај се исклучени 2.055 возила, додека лани бројката изнесуваше 2.833 возила. Лани во првите четири месеци регистрирани беа 17 неосигурени возила учесници во сообраќајни несреќи, а годинава за истиот период само – седум.

најчитано сега