Кривична за градежен инспектор од Карпош
МВР до надлежното Основно Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 62-годишниот Н.И. од Скопје, овластен градежен инспектор во Сектор инспекторати во општина Карпош, осомничен дека сторил две кривични дела „примање поткуп“ и кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во својство на овластен градежен инспектор, во периодот од декември 2013 до октомври 2014 година, осомничениот ја злоупотребил својата службена положба и овластување, со тоа што при вршење на инспекциски надзор во правните лица „Имвента“ ДОО Скопје и „БИМАД ИНЖЕНЕРИНГ“ ДОО Скопје кои граделе градби, констатирал и направил записници дека се изведуваат без Одобренија за градба и директно од сопствениците побарал и примил како поткуп парични средства во износ од 98.475 денари, на неговата трансакциона сметка за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши или да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.
Како што денеска соопшти МВР, Н.И. со искористување на своето службено овластување, откако во правното лице „ИМВЕНТА“ извршил инспекциски надзор и изготвил Записник со кој им наложил на сопствениците да ги отстранат недостатоците и да го известат за да донесе заклучок за запирање на постапката, директно побарал и примил како поткуп на неговата трансакциона сметка во два наврати парични средства во износ од 38.475 денари. За да изврши службено дејствие што би морал да го изврши, односно откако го известиле дека недостатоците се отстранети, донел заклучок за запирање на постапката.
Во правното лице “БИМАД ИНЖЕНЕРИНГ“ пак, извршил инспекциски надзор и изготвил записник каде констатирал дека градбата е без одобрение за градење, при што од овластениот потписник директно побарал и примил како поткуп на неговата трансакциона сметка парични средства во износ од 60.000 денари. Притоа, им наложил да продолжат со градбата и им посочил дека нема да имаат пречки околу натамошнатга градба, како и тоа дека ќе им помогне да добијат одобрение за градење.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа