Сарачини: Ќе поскапат хрватските производи во Македонија, но не и македонските во Хрватска

Очекуваме најмалку 10- процентно зголемување на цените на хрватските производи во Македонија заради влезот на Хрватска во Европската унија. Ќе поскапат тутунските, млечните и земјоделските производи од Хрватска, но не и македонските на хрватскиот пазар, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини по денешната средба со хрватскиот амбасадор во Македонија Златко Крамариќ.

- Во индустрискиот  сектор нема да има никакви промени затоа што со ЕУ  веќе имаме целосна либерализација, а со Хрватска тоа го имавме постигнато и во рамките на ЦЕФТА договорот. Промени ќе има во земјоделскиот сектор и тоа би рекол позитивни промени за нашите извозно ориентирани компании затоа што со ЕУ  во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација имаме целосна либерализација која ја  немавме во рамките на ЦЕФТА договорт, рече Сарачини.Промени ќе има во делот на извозниците на вино затоа што се зголемува квотата од 6.700 тони на 8.100 тони, како и во делот на тутутнот и тутунските  производи. Од денеска па во иднина нашите компании кои извезуваат  тутун и тутунски производи во Хрватска нема да плаќаат царини, нема да има квоти и извозот ќе биде целосно слободен, нагласи Сарачини.

Тој појасни дека квотата за извоз на вино во Хрватска е договорена заедно со извозниците и оти се очекува во наредниот период да биде и правно регулирана. Квотата со Хрватска нема да влијае на квотата со ЕУ за извоз на околу 400 илјади хектолитри.

- Република Македонија ќе има бенефит од влезот на Хрватска во Европската унија, не само економски гледано туку и политички зашто добиваме вистински пријател кој станува земја челнка на ЕУ што добро ги познава нашите проблеми. Очекуваното 10-процентно зголемување на цените на хрватските производи во Македонија за нас е позитивен сигнал. Хрватските компании ќе се обидат да инвестираат во Македонија и да отворат фирми тука се со цел да ги искористат бенефициите што ги нуди ЦЕФТА договорот и да извезуваат во земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЦЕФТА, посочи Сарачини.

Сарачини им порача на македонските компании кои веќе извезуваат во Хрватска да не очекуваат дека вратите на хрватскиот  пазар самите по себе ќе бидат отворени и дека нивниот пласман таму ќе биде сигурен.

- Хрватскиот пазар сега станува доста атрактивен и се отвораат вратите и за големите европски компании така што нашите компании иако имаат слободен извоз мора да бидат поконкурентни и поиновативни се со цел да можат да ги пласираат нивните производи, рече Сарачини.

Амбасадорот Крамариќ истакна дека постои голем простор добрите политички вибрации меѓу Македонија и Хрватска да се пренесат и на  економските односи и додаде дека Сарачини е првиот министер кој службено дошол во просториите на Република Хрватска како полноправна членка на ЕУ.

- Уште на почетокот на минатата години кога беше јасно дека Хрватска на 1 јули 2013 година ќе стане членка на ЕУ ги повикавме нашите компании, кои работат тука, ги предупредивме дека ќе дојде  до промена на режимот ЦЕФТА во режимот  на ЕУ и ги замоливме да се подготват на време. Верувам дека стопанствениците веќе водат некакви преговори и дека ќе се случат позитивни поместувања. Би било многу лошо доколку хрватските производи ги снема од македонските полици, бидејќи тоа се брендови кои се добро познати тука, рече Крамариќ.

- Тоа значи тука да се отвораат фабрики. Тоа е едниот од начините да се совладаат потешкотиите бидејќи најтешко би било нашите производи тука да станат неконкурентни и граѓаните кои се навикнати на нив да мораат да се откажат пради одреденото поскапување. Токму затоа се договоривме  што посокоро да овозможиме состанок меѓу министрите од двете земји. Верувам дека тоа брзо ќе се случи бидејќи  секогаш дијалогот е начин за да се надминат проблемите, потенцира Крамариќ.

најчитано сега