Бидете внимателни: Бактерии откриени во вода од чешми близу цркви и џамии во Скопје
Водата од чешмите во верските дворови зачинета со бактерии. Според информациите на zdravstvo24.mk кај половината од нив биле пронајдени ешерихија коли и други патогени и заразни бактерии.
Луѓето ја пијат без да знаат дека е загадена и сериозна закана по нивното здравје. Многумина полнат и шишиња за дома. Ова го покажале последните анализи на скопскиот Центар за јавно здравје.
Најдрастичен пример е црква сместена во подножјето на Водно. Таму неколку пати по ред надлежните укажуваат за опасноста на изворската вода. Но проблемот се уште не е решен. Експертите по хигиена предупредуваат дека нејзината употреба може сериозно да го загрози здравјето.
-Може да дојде до ентероколити, дизентерија, стомачни проблеми, повраќања и многу други заразни заболувања. Кај лица кои имаат намален имунитет може да доведе до сериозни нарушувања. Не треба да се пие бидејќи е бактериолошки неисправна и граѓаните треба да бидат информирани за тоа, вели д-р Љупчо Костадиновски специјалист по хигиена во Центарот за јавно здравје-Скопје, пренесува Здравство24.
Неисправна и загадена е и водата од селските чешми во поголем број села во Арачиново. Опасните бактерии ги демнат и младите и старите. Експертите велат дека истата не е хлорирана и затоа ја дефинираат како небезбедна за пиење.
-Ние по секоја направена анализа доставуваме извештај до ДСЗИ, Агенција за храна и ветеринарство и ЦУК. Очекуваме што ќе преземат за надминување на проблемот. треба да се постават табли и граѓаните да знаат дека е штетна за пиење, вели д-р Костадиновски.
Сличен проблем се јавува секоја година. Иако надлежните поставуваат табли, истите ги кршат или отстрануваат посетители на објектите.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа