Официјално: Хорхе Македа три години во РК Вардар
Во Вардар стигнува нов ракометар кој е дел од шпанската репрезентација. Десниот бек Хорхе Македа потпиша договор со Вардар со важност до јуни 2018 година.
Тој ја засилува позицијата на која досега настапуваа и Терзиќ и Петриќ, на кои им завршија договорите со екипата.
Македа (27 години, 195 см висок) е роден во Толедо, Шпанија, а доаѓа од екипата на Нант (Франција) каде настапуваше претходните три сезони. Со францускиот тим еднаш стигна до Ф4 турнирот на ЕХФ Купот, и го освоија третото место, а сезонава немаа среќа и „налетаа" на Фуксе Берлин во истиот куп уште во 3 квалификациско коло и беа елиминирани.
„ Со ангажирањето на Македа, ќе имаме уште посилна бековска линија, и искусен и докажан играч. Вардар се засили со играч кој зад себе има медали во репрезентативен дрес, со надеж дека заедно ќе ги исполниме и клупските планови. Македа останува во Вардар до јуни 2018 година, а се надеваме и подолго. Со потпишувањето на Македа продолжуваат намерите на Вардар да создаде силен и респектибилен тим во Европа, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
Искусниот Македа зад себе има и медали од ЕП и СП, како дел од репрезентацијата на Шпанија. Од последното СП во Катар, Македа се врати со освоено четврто место, исто како и на ЕП 2012 година во Србија. Бронзен медал има од ЕП 2014 година во Данска, и од СП 2011 година во Шведска. Освои златен медал со Шпанија на СП 2013 година. Беше дел од Олимписката репрезентација на Шпанија во 2012 година и го освои седмото место. За репрезентацијата на Шпанија има одиграно 102 натпревари и постигнато 252 гола. За младинските селекции на Шпанија, до 19 и 21 година има настапувано на неколку ЕП и СП
На клупски план, Македа зад себе има искуство во играње за Барселона, Алкобендас, Арагон и Нант. Со Нант играше на Ф4 турнирот во ЕХФ Купот (2012/2013), со Арагон стигна до полуфиналето на КПК (2011/2012). Во почетокот на кариерата настапувал за Барселона, и има настапи во ЛШ, и два постигнати гола во сезоната 2006/2007, но, откако му било тешко да избори место решава да замине и потпишува за Арагон. Од таму заминува за Франција во екипата на Нант.
Македа е четвртото ново засилување за следната сезона за Вардар по Дејан Манасков, Александар Деревен и Мијајло Марсениќ. Во меѓувреме клубот ги продолжи договорите и со Стојанче Стоилов, Алем Тоскиќ, Филип Лазаров, Матјаж Брумен и Алекс Душебаев.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа