Mеџити: Kичево дефитивно ќе добие колекторски систем и пречистителна станица

По предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на денешната седница ја усвои информацијата за реализација на проектот за подобрување на управувањето со отпадни води во Кичево.
На денешната прес-конфереција во Медиа-центарот на Владата, првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити рече дека проектот опфаќа изградба на колекторски систем и секундарна канализациона мрежа и поврзување на постојната пречистителна станица.
‘Овој чекор го презедовме бидејќи граѓаните на Кичево го заслужуваат овој проект, а бидејќи уште на почетокот беа забележани проблеми со организацијата и капацитетот на изведувачот, бевме приморани да го раскинеме договорот со изведувачите кои и покрај бројните опомени и состаноци, не покажаа значителен напредок, и на 5.12.2024 година, беа поминати 21 од планираните за градба 24 месеци, а реализацијата беше само 17 отсто’, изјави Меџити.
Меџити информира дека во наредниот период преку повеќегодишна јавна набавка Министерството за животна средина и просторно планирање ќе обезбеди буџетски средства за овој проект, бидејќи предвидените ИПА средствата во рамки на Секторската оперативна програма за животна средина и климатски акции, програмски период 2014-2020 веќе нема да можат да се користат поради неисполнување на обврските од изведувачот.
Сo овие средства ќе се инвестира во над 20 локации, меѓу кои е и изградба на главен канализационен колектор Зајас – Кичево, кој ќе се простира од населеното место Зајас до влезот во град Кичево и проаѓа покрај Зајашка Река, а од постојни мрежи долж колекторот Зајас – Кичево постојат секундарни мрежи кои се комплетно изградени во местата Трапчин Дол, Горно и Долно Строгомиште. Овие секундарни мрежи ќе се поврзат на колекторот Зајас – Кичево.
Планирана е изградба на главен канализационен колектор Зајас – Кичево со должина околу 11 км. Истиот треба да ги прифати отпадните води од населбите Зајас, Грешница, Долно и Горно Строгомиште, Колибари, Длапкин Дол и Трапчин Дол. Отпадната вода од колекторот Зајас-Кичево оди кон станицата за третман и пречистување на отпадна вода.
Министерството за животна средина и просторно планирање за реализација на овој проект ќе инвестира преку повеќегодишна јавна набавка над милијарда денари (1.088.550.000) во текот на наредните четири години, 2025, 2026, 2027 и 2028 година.
Проектот опфаќа два договора – договор за градежни работи за рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во општина Кичево и договор за надзор над градежните работи.
29.04.2025 - 16:51
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа