Финале ЛШ: Суарез на едната, Евра и Кјелини на другата страна
Барселона и Јувентус ќе играат во големото финале во ЛШ на 6-ти јуни во Берлин.
Луис Суарез на едната, а Патрис Евра и Џорџо Кјелини на другата страна.
Јувентус го елиминираше Реал во полуфиналето и обезбеди дуел со Барселона за пехарот. Ќе биде тоа средба на старите „пријатели“ Џорџо Кјелини и Луис Суарез.
На мечот помеѓу Италија и Уругвај на СП во Бразил Суарез го гризна Кјелини за рамото. Судијата тоа не го виде, но камерите да.
ФИФА на Уругваецот му изрече четиримесечна суспензија во сите фудбалски конкуренции, вклучувајќи и доаѓање на стадионот на Барселона. Поради суспензијата Суарез пропушти девет мечеви на Каталонците во Примера, три во ЛШ.
Тука ќе биде и Евра, на кого Суарез не му е баш омилен лик. Имено, во 2011-та година додека играше за Ливерпул, беше обвинет од страна на Евра, кој го носеше дресот на Манчестр Јунајтед, за расистички навреди.
Англискиот фудбалски сојуз тогаш покрена истрага и го казни Суарез со осум мечеви неиграње, кој мораше да плати и парична казна од 40.000 фунти.
На следниот меч помеѓу нивните тимови, Суарес се поздрави со сите, освен со Евра. Тоа секако дополнително го налути Французинот.
Како ќе помине нивната пресметка на 6-ти јуни, останува да се види.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа