Друловиќ: Клупата на Македонија е чест, но и голема одговорност

 

Љубинко Друловиќ и официјално е нов селектор на македонската фудбалска репрезентација.

Со некогашниот прославен фудбалер на Порто и Бенфика и поранешен репрезентативец на СР Југославија е потпишан договор на две и пол години.

Одлуката за избор на новиот селектор беше донесена според предходно дефинираните критериуми на Фудбалската федерација на Македонија. Програмата и визијата за македонскиот фудбал, подготвеноста да има директен увид во случувањата во македонскиот фудбал, работата како тренер и остварените резултати, имиџот во јавноста, карактерот, како и покажаната желба за извршување на функцијата, пресудија изборот да биде на Љубинко Друловиќ, најдобар тренер во Србија за 2013 година.

-Имам голема чест, а уште поголема одговорност да ја преземам должноста селектор на А репрезентацијата на Македонија. Благодарност за моето именување до претседателот Илчо Ѓорѓиоски и до сите членови на Управниот одбор на федерацијата. Сите кои ме познаваат знаат дека ќе направам сѐ за да ги оправдам очекувањата, ќе се обидам да докажам дека мојот избор е добра работа за македонскиот фудбал.  Секако, ветувам дека со својот стручен штаб ќе вложам максимален труд во работата со А селекцијата. Пред нас се уште пет натпревари во квалификациите. Ова ќе биде голем предизвик за сите нас. Никој не може да гарантира успех, но можеме да ветиме многу работа. Ни требаат фудбалери во силен карактер од кои треба да се направи тим кој ќе биде во служба на резултатот, изјави Љубинко Друловиќ за официјалната интернет страница на ФФМ.

Официјалната промоција на Љубинко Друловиќ за селектор на репрезентацијата на Македонија ќе се случи на 28. април 2015 година.

Љубинко Друловиќ како селектор на фудбалската репрезентација на Србија за играчи до 19 години го освои златото на Европското првенство во Литванија 2013 година. Истата година му е доделена „Златната топка“ на Фудбалскиот сојуз на Србија во изборот за најдобар тренер. Во февруари 2014 година е именуван за в.д. селектор на А репрезентацијата на Србија. Националниот тим на Србија го предводеше на четири натпревари и оствари две победи (Република Ирска 2:1 и Јамајка 2:1), нерешен резултат (Панама 1:1) и пораз (Бразил 0:1).

 

 

Оцени ја веста

23.04.2015 - 15:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега