Пратениците денеска со полни раце работа
Денеска во Собранието на Република Македонија седници ќе одржат пет собраниски комисии. Станува збор за комисиите за надворешна политика, за економски прашања, за труд и социјална политика, за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за надворешна политика се ратификациите на Договорот за соработка во областа на културата и на Договорот за потврдување на периодите на осигурување за остварување право на пензија меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово. Пред членовите на Комисијата ќе се најде и ратификацијата на Договорот помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина за ветеринарна соработка.
На дневен ред на Комисијата за економски прашања е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државната статистика, во прво читање, а на седницата на Комисијата за труд и социјална политика ќе бидат разгледани Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2012 година, измените и дополнувањата на Годишниот финансиски план за 2013 година на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, како и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и малолетничкото престапништво во 2012 година.
Членовите на Законодавно-правната комисија ќе ги разгледаат измените и дополнувањата на Законот за државната статистика, како и измените на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, двата во прво читање.
На дневен ред на седницата се и барања за автентично толкување на членови од Законот за основно образование, од Законот за високото образование, од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, како и Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј“ во Скопје (прва фаза).
ЗКП ќе ги разгледа ратификациите на договори меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово, пречистениот текст на Законот за железничкиот систем, како и измените и дополнувањата на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, во прво читање.
На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и малолетничкото престапништво во 2012 година, како и измените и дополнувањата на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, во прво читање.