Груевски на Самит на Европската народна партија во Виена
Висока партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Никола Груевски, а во која се и министерот за надворешни работи Никола Поповски и секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието Владимир Ѓорчев, денеска присуствуваа на редовниот самит на Европската народна партија (ЕПП), што се одржува во Виена, Австрија.
Во присуство на лидерите на земји-членки на ЕУ, како и на претседателите на народните политички партии во Европа, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја претставува Македонија на овој Самит, кој, како што се наведува во партиското соопштение, е одлична миожност за остварување контакти и интензивна комуникација со повеќе европски лидери.
На маргините на самитот претседателот Груевски оствари средба со Вилфред Мартенс, претседател на ЕПП, која е најмногубројна партија во Европскиот парламент.
Во разговорите премиерот Груевски упати благодарност за сестраната поддршка која Република Македонија ја добива од ЕПП во контекс на евроинтегративните процеси, како и поддршката за интензивирање на политичките односи и дијалогот во меѓународни рамки.
Претседателот Груевски истакна дека таквата поддршка е основа и за зајакнување на економските односи и промоција на македонските потенцијали за инвестирање на европскиот пазар.
Претседателот на ЕПП Мартенс го акцентираше активното учество и партиципацијата на Република Македонија на глобалните настани и процеси, како и влогот кој се дава во насока на надминување на предизвиците со кои се пресретнуваат државите од ЕУ, како што се состојбите предизвикани од европската должничка криза.
Груевски оствари средба и со Жозеф Дол, водачот на групата на ЕПП во Европскиот парламент со кого разговараше за актуелните случувања во ЕУ, како и утврдувањето на механизмите за засилување на соработката како на политичко така и на економско ниво за надминување на актуелните предизвици.
Во рамките на самитот претседателот Груевски разгивараше и со шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд со кого разменија мислење за актуелните политички предизвици на Унијата, акцентирајќи ја заложбата за постојан дијалог и комуникација на државите од Европа. Премиерот Груевски ја истакна посветеноста на Република Македонија на патот на реформите и напорите кои се во насока на евоинтегративните процеси.
Беа остварени и оделни разговори со премиерот на Латвија Валдис Домбровскис и доскорешниот премиер на Република Бугарија, Бојко Борисов, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
ЕПП е најсилната политичка групација во Европскиот парламент. Влијанието на Европската народна партија е одлучувачко на повеќе нивоа, вклучувајќи ги раководните функции на трите најзначајни европски институции Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент во која се вклучени највлијателните шефови на држави и влади, лидери на политичките партии членки на Европската унија.
ФОТО: МИА