Дачиќ: Дојде време за мир и подобра иднина на Балканот

 

Српскиот премиер Ивица Дачиќ по седницата на Советот за безбедност на ОН за Косово изјави дека е дојдено времето, по 20 години нестабилност, да се посвети внимание на зајакнување на мирот и подобра иднина за народите на Балканот.

- Од историска важност е договорот кој го постигнавме, со желба во иднина да градиме односи со кои целиот регион ќе биде регион на мир и стабилност, истакна Дачиќ.

Тој оцени дека седницата главно минала во позитивни оценки за развојот на ситуацијата на теренот, а за Србија е посебно важно што е позитивно оценет натамошниот процес на евроинтеграција на земјата.

Како што нагласи Дачиќ, имало многу состаноци на СБ на ОН во последните 20 години кои биле посветени на војните, санкциите, бомбардирањето на Србија и затоа сега е време исто такво внимание да се посвети на зајакнување на мирот и подобра иднина за балканските народи.