Алушевски очекува победа на прошталниот натпревар со Португалија

 

Македонската ракометна репрезентација в недела против Португалија ќе го игра последниот квалификациски натпревар за евро-шампионатот во Данска. Овој дуел ќе биде проштален за крилниот играч Стевче Алушевски кој повеќе од две децении го носеше црвено-жолтиот дрес.

 - Горд сум што 21 година активно го носев дресот на македонската репрезентација. Секогаш за националниот тим играв со голема љубов, посветено и максимално ангажирано. Се надевам дека на последниот мој репрезентативен настап в недела ќе победиме и Македонија ќе се пласира на ЕП, истакна Стевче Алушевски на последното свое обраќање на една прес-конференција како активен играч.

- На добар пат сме да избориме учество на ЕП, а дуелот со Португалците е убава можност Алушевски на еден врвен начин, достоинствено и во славеничка атмосфера да ја заврши долгата и богата репрезентативна кариера. Пред нас е задачата да го валоризираме постигнатиот резултат во Цирих до кој дојдовме со добра игра во одбраната и со огромна помош од нашите навивачи од Швајцарија за што им сум многу благодарен, вели Ивица Обрван.

 - Мораме да дадеме се од себе. Не не интересира премногу естетскиот момент во играта. Очекуваме поддршка од трибините и со прикажување на тоа што го знаеме на најдобар начин, со добра одбрана, контри и полуконтри да ги оправдаме очекувањата. Португалија има квалитетен пивот, неколку добри шутери и знае да биде незгоден противник. Наше е да ги пронајдеме нивните слаби точки, а верувам дека ќе успееме во тоа, рече хрватскиот стручњак кој е предводник на Македонија.

 Натпреварот Македонија - Португалија ќе се одигра в недела со почеток од 20 часот и 30 минути во СЦ Борис Трајковски во Скопје.

ФОТО: Многоо.мк

најчитано сега