Пораз од Хрватска, во осминафиналето против Катар или Словенија

Фаворизираната Хрватска ја победи Македонија во тежок меч исполнет со голема борба, во дербито од 4.коло на Б групата на Светското ракометно првенство во Катар.

Нашите ракометари одлично го отворија натпреварот и во 14 минута веќе имаа највисоки 4 гола предност 9:5. По тајм-аутот кој го зема хрватскиот селектор Голужа, следуваше серија на Хрватска од 4:0 за израмнување на резултатот 9:9 во 18-минута.

 

Следуваше период во кој се играше гол за гол се до 26 минута кога Хрватите направија нова серија, овој пат од 3:0 и во 28-та минута за прв пат поведоа со 14:13. До крајот на првиот дел двете селекции постигнаа по еден гол, па на полувреме се замина со резултат 15:14 за Хрватска.

И првите 7-минути од второто полувреме минаа во ист ритам, а резултатот беше израмнет 17:17. Но, така беше се до 38-минута. Тогаш, чешките судиите најнапред го исклучија Миркуловски, а потоа неоправдано и капитенот Лазаров. Хрватите знаеја како да го искористат тоа. Цели 10-минути не ни дозволија да постигнеме гол, а со серијата од 5:0, во 47-минута Хрватска имаше и предност од 5 гола разлика 22:17.

До крајот на натпреварот противникот рутинирано знаеше да ја сочува предноста и на крајот славеше победа со 26:29..

Во нашата селекција најефикасен беше капитенот Кирил Лазаров кој средбата ја заврши со 7 постигнати голови. По 3 гола постигнаа: Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов.

Во хрватската селекција голманот Мирко Алиловиќ со 13 одбрани ( 8 во второто полувреме), заедно со  најефикасниот Иван Чупиќ кој постигна 9 гола, беа двајцата најдобри поединци. Домогој Дувњак беше стрелец на 5 гола, а Марко Копљар и Дамир Бичаниќ постигнаа по 4.

На останатите два натпревари од оваа група, Тунис ја победи Босна и Херцеговина 27:24, а Австрија беше подобра од Иран со 38:26.

Хрватска сега е единствената со максимален број на бодови во Б групата (8), пред Македонија која остана 6, Австрија 5, Тунис 3, БиХ 2 и Иран 0.

 

За нашите ракометари утре е слободен ден, а во петок против Австрија ќе треба да останат непоразени доколку сакаат да го сочуваат второто место во групата. Доколку останеме на второто место, во недела во осминафиналето ќе се судриме најверојатно со Словенија, а доколку бидеме поразени од Австрија ќе вкрстиме најверојатно со домаќинот Катар, доколку нема изненадувања во последното коло од групата А во кое Шпанија игра со Словенија, а Катар со Белорусија. 

 

 

Оцени ја веста

21.01.2015 - 19:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега