Згасна грчката национална телевизија - Владата не можела да си ја дозволи

 

 Во 23 часот синоќа по локално време прекина емитувањето програма на државната грчка компанија за радио и телевизија ЕРТ. Главниот предавател близу Атина, бил исклучен од полицијата, изјави за западни медиуми претставник на синдикатот.

Владата на Грција вчера соопшти дека ќе биде прекинато времено емитувањето програми на националната телевизија и радио заради економски мерки. Владин портпарол изјави дека компанијата трошела премногу средства, страдала од корупција и лош менаџмент.

Според грчки медиуми, се очекува ЕРТ да продолжи со работа „во најсокоро време“, но со помалку вработени.

– Ова повеќе прилега на влада на Чаушеску, а не на демократија, изјави Панајотис Калфајанис, претседател на синдикатот на ЕРТ.

Европската радиодифузна унија (EBU) го повика грчкиот премиер да го укине решението за запирање на работата на државното радио и телевизија со образложение дека постоењето државни медиуми и нивна независност е особено важно за демократските општества.

– Какви било промени во тие медиуми треба да бидат спроведени само по отворена и широка дебата во парламентот, а не само со договор меѓу двајца министри, се вели во писмо до Самарас од претседателот на ЕБУ, Жан Пол Филипо и генералниот директор на ЕБУ Ингрид Делтонр.

Засега не е јасно колкумина од 2.500-те вработени во ЕРТ ќе се вратат на работа. ЕРТ почна со емитување програма во 1938 година. Денес има три телевизиски канали, седум национални радиопрограми и 19 регионални. Според Владата, ЕРТ годишно ја чинело државата околу 300 милиони евра.