Компјутерски томограф за поликлиниката „Јане Сандански“
Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје ќе добие апарат за компјутерска томографија, со кој значително ќе се подобри дијагностиката на секундарно ниво и оваа услуга ќе ја направи подостапна и побрза за граѓаните. Тендерот треба да биде распишан наредната недела, а се очекува да биде ставен во функција ко средината на идната година. Во тек е и набавка на компјутерски томографи и за Детската клиника, за Клиниката за неврологија и за „Свети Еразмо“ во Охрид, информира денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
За да може да се врши квалитетна дијагностика на овој апарат, една докторка од поликлиниката која е специјалист радилог, е испратена на обука за компјутерска томографија во Словенија. Таа претходно била на обука и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Откако ќе се врати од Словенија, во периодот до ставањето во функција на овој апарат таа уште еднаш ќе биде упатена на обука во странство.
Во Поликлиниката има уште двајца рентгенолози кои исто така ќе бидат упатени на едукација, а во рамки на проектот на Министерството за здравство се планира да бидат ангажирани пензионирани доктори од Клиничкот центар кои ќе помагаат во првиот период односно првата и втората година.
- Тројца доктори од „Јане Сандански“ се испратени на специјализација за рендгенологија кои за три години треба да ја завршат. Така што во еден период две или три години ќе бидеме на сериозно високо ниво екипирани и од аспект на опрема и од аспект на кадар, истакна Тодоров по денешната средба со директорите на Здравствениот дом - Скопје.
Апаратот за компјутерска томографија за поликлиниката „Јане Сандански“ се набавува со средства на Здравствениот дом од Скопје, а останатите три со средства од Министерството за здравство.
Набавката на овие четири компјутерски томографи, смета Тодоров, ќе има сериозно значење за целиот здравствен систем особено за Скопје, затоа што, како што исткна, се прави еден сериозен чекор кон воведување на многу високо ниво на технологија и сериозна дијагностика на секундарно ниво, кое сериозно ќе го растовари Клиничкиот центар во Скопје, но и болничкиот сегмент во „8 Септември“ и старата Градска болница „Свети Наум Охридски“.
- По набавката на апаратот за Детската клиника сите дечиња кои имаат потреба од вакво снимање ќе бидат префрлени таму наместо на радиологија или во „8 Септември“. На неврологија, пак, ќе се прават сите снимања на глава, мозок... Со набавката на компјутерот во поликлиниката „Јане Сандански“ каде што ќе се прават сите снимања очекуваме сериозно да се растовари овој сегмент, значително да се забрза добивањето на оваа здравствена услуга, односно дијагностичка процедура која е од исклучително големо значење, потенцира Тодоров.
На ваков начин, според него, со сите специјалисти во кои се вклучени и новите 29 само во изминатата година, како и докторите испратени на специјализација, набавката на медицинска опрема и на овој компјутер ќе се подигне Здравствениот дом-Скопје на едно многу повисоко ниво и ќе ја зацврсти неговата улога на столб на здравствениот систем на секундарно ниво во градот Скопје.
Од започнувањето на функционирањето на новиот систем „Мој термин“ од 1 септември 2013 до 15 декември годинава во поликлиниката „Јане Сандански“ дадени се 120.970 здравствени услуги на специјалистичко ниво. Од нив, како што информира директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска Вучковиќ, 18.485 услуги се од службата за ренген дијагностика и ехосонографија.
Оваа статистика, според неа, покажува најголем број од пациентите кои се обратиле за здравствена услуга во Здравствен дом Скопје се комплетно обработени.
Со поддршка на ресорното Министерство, рече Баевска Вучковиќ, Здравствениот фом се развива во насока на дијагностика и отворање нови служби. Токму набавката на овој апарат за компјутерска томографија, според неа, најдобро и наједноставно ќе се доближат здравствените услуги на секундарно ниво до граѓаните според местото на живеење.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа