Амбасадорот на БиХ Беговиќ со јавна благодарност за хуманата помош од Македонија
Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Република Македонија Здравко Беговиќ, вечерва учествуваше на свеченостите по повод отворањето на почесниот конзулат на БиХ во Битола, и јавно се заблагодари на граѓаните на Македонија за хуманата помош испратена до настраданото население по неодамнешните катастрофални поплави во повеќе тамошни градови.
- Најтопло се заблагодарувам на институциите, граѓаните на Република Македонија кои после поплавите, во тие тешки моменти за мојата земја, сесрдно помогнаа и искажаа големо чувство на хуманост, помош и поддршка, посочи Беговиќ.
Беговиќ потсети дека Босна и Херцеговина и Република Македонија освен што заеднички се движат на патот кон евроатлантските интеграции и интензивно соработуваат на економски, културен и спортски план.
- По неодамнешниот „Берлински Состанок“, на кој беше мотивирана регионалната соработка, ние почнавме да ја интезивираме и динимизираме секторската соработка меѓу Босна и Херцеговина и Република Македонија. Во оваа прилика сакам со примери да ја нагласам успешната економска соработка меѓу двете држави која се одвива токму оваа година. Имено, македонската компанија „Гранит“ го гради автопатот Бања Лука-Добој на кој само една делница е вредна 380 милиони евра, а нашиот „Енергоинвест“ заврши проект вреден 7 милиони евра со кој се реши проблемот со пепелта во термоелектраната „Осломеј“-Кичево. Учествував и на отворањето на една текстилна фабрика во Мркоњиќ Град, инвестиција на бизнисмени од Штип, што значи имаме многу убави примери за солидната соработка, нагласи амбасадорот Беговиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа