„Џифони Македонија“ со двојно поголем број учесници
Учество на двојно повеќе земји и преку 600 деца во официјалното жири, најавуваат организаторите на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ чие второ издание официјално почнува вечер во кино Милениум со проекција на филмот „Мафијата убива само на лето“.
„Џифони Македонија“ годинава на тема „Крстопати“, освен многу нови филмови, работилници за креативно изразување, дружења со познати личности од културата, филмот, уметноста и ширење безброј познанства со деца од 10 земји, во Скопје го носи и театарот „Сан Карло“, најстарата опера во Европа. Ансамблот ќе гостува во МНТ со перформанс омаж посветен на еден од најголемите светски тенори Енрико Карузо.
- Над 500 деца од Русија, Молдавија, Србија, Хрватска, Италија со регионите Кампанија и Сардинија,..., на возраст од 10 до 18 години ќе ги вкрстат своите идеи, мислења, емоции и со своето учество ќе бидат дел од уште една незаборавна Џифони приказна, рече денеска на прес-конференција извршната директорка на Фестивалот Елена Величковска, соопштувајќи ја програмата.
Учесниците на Фестивалот и овојпат, зависно од возраста, се поделени во три категории, + 10, +13 и +16. За првата, активностите ќе се одвиваат во Кинотеката на Македонија, за втората во кино Милениум, а за третата во македонскиот културен центар (МКЦ).
- Во официјалната филмска програма, во категориите +13 и +16, има 10 филмови за кои ќе се гласа. Проекциите се во претпладневниот дел, додека попладне ќе се одржуваат работилниците, информира Величковска.
На т.н. Зелен тепих следните пет дена ќе продефилираат познати актери и режисери, меѓу кои и 12-годишната ѕвезда на мегапопуларниот филм „Среќичка во вреќичка“. Тие ќе ги поздрават децата по што ќе одржат и средби со нив, ќе продискутираат за својата кариера и начинот на работа.
- Џифони Македонија докажа дека полека, но сигурно станува препознатлив и неопходен елемент во нашата култура и ќе се стреми да го задржи тоа низ годините што следат, истакна директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески.
„Џифони Македонија“ е дел од најпознатиот филмски фестивал за млади „Џифони искуство“ Италија. Директорот Клаудио Губитози кој како лани, и оваа година е тука, за отворањето на вториот „Џифони Македонија“, уште еднаш го нагласи значењето на Фестивалот како нишка за промоција на филмот и поттикнување на дружењето на децата низ целиот свет.
- Денес сме сведоци на она што го ветивме минатата година, посветеноста, желбите и амбицијата, рече Губитози, додавајќи дека токму Македонија е избрана заедно со Бразил и Катар да биде место од каде ќе се промовираат филмот и културата воопшто.
На годинашното 44. „Џифони искуство“, потсети, децата од Македонија беа најбројни во жирито, но и најактивни во дискусиите, а со себе донесоа дел од македонската култура и кујна што беше одлично искуство.
Активностите на „Џифони Македонија“ ќе бидат проследени од повеќе странски новинарски екипи, ќе се снимаат во целост по што ќе станат дел од архивата на „Џифони Искуство“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа