„Боите на есента“ во Стaрата скопска чаршија

 

Младите и чаршијата - чувари на традицијата, Традиции и обичаи: Раскажи за себе, научи за другите!, Вкусови на чаршијата-Традиција мирис и вкус: Симит погача-чаршиски гастро сувенир, Градиме иднина на темелите на традицијата, Улица на зачини, Билки чај и мед....... се дел од манифестациите во рамки на „Боите на Есента“ кои започнуваат денеска во организација на Здружението на еснафи, а треба да придонесат за ревитализација на Старата скопска чаршија.

  Денеска почнува манифестацијата „Симит погача-чаршиски гастро сувенир“. Симит-погачата е оригинален производ, а да бидеме искрени најдобрата се јаде токму тука. Таа носи во себе повеќе пораки. Не е само одлика на скромност и задоволување со малку. Таа е симбол на еднаквоста, подеднакво е достапна секому, по состојките универзална, а по хранливоста ефикасна. Синтагмата леб во леб можеби најдобро може да го отслика значењето што го емитира. Таа по состав е иста тесто со тесто, а сепак сосема различна и најдобро е кога тие различности се споени во едно, кога се сфаќа дека тие не се исклучуваат и оти само заедно се ефикасни, полезни и вкусни, рече на денешната прес-конференција претседателот на Здружението на еснафи Мухедин Брава.

Духот на Чаршијата, додаде, е јадрото на урбаната култура во Скопје и во земјата. Таа секогаш била и ќе биде центар на толеранцијата на соживотот, солидарноста, професионалните еснафски односи. Поради тоа, како што потенцира, неопходни се вакви манифестации со кои ќе се овозможи сите тие вредности да се зачуваат.

Извршниот директор на Здружението Соња Кушовска Трајковска смета дека иако во Чаршијата се случуваат многу акивности, неспорен е фактот оти ни приближно не е искористен нејзиниот културно-историски потенцијал.

Соодветно на нејзината културолошка вредност Старата скопска чаршија треба да биде ударен македонски бренд, како посебен културно туристички производ во заедничко делување на сите чинители на чаршијата и засегнати страни во состав на институциите, рече таа.

Манифетациите кои во октомври и ноември ќе се организраат во рамки на „Боите на есента“ се дел од „Пограмата Еко етно Македонија-Стара скопска чаршија“. Со неа се предвидени и манифестации кои ќе се одржуваат во рамки на „Чаршиска пролет“, „Чаршиско културно-туристичко лето“ и Чаршиска зима.

 

Од Здружението на еснафи информираат и дека наскоро ќе биде објавен конкурс за најдобра објавена сторија за старата чаршија, а ќе биде издадена и книга раскази чија тема ќе биде Чаршијата, за што веќе се разговара со македонски и странски писатели.

 

Занаетите во чаршијата кои подолго време замираа,  полека зажувуваат со напори од сите чинители, велат од Здружението. Неопходни се натамошни заемни напори на еснафот и државата, сметаат оттаму, за натамошно зајакнување на занаетчиството. Во таа насока е и барањето од Здружението на еснафи до Министерството за култура за соодветни простории каде околу 800 занаетчии кои се во пензија без надомест би обучувале млади за одредени занаети.

03.10.2014 - 12:31

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега