Одбележан Светскиот ден на стари лица
Во Дневниот центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови, во организација на Црвениот крст на Република Македонија денеска беше одбележан Светскиот ден на стари лица.
На одбележувањето присуствуваа градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, претставници на Сојузот на здруженија на пензионерите на Република Македонија, генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити...
- Градот Скопје и натаму ќе ги поддржува сите активности и проекти поврзани со овој Дневен центар, којшто претставува социјален сервис преку кој се развиени и унапредени вонинституционални форми за заштита на лицата во трето доба. Проектот во 2013 година се реализираше со трипартиден договор меѓу Градот Скопје, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Црвен крст на град Скопје, а во последните два месеца поддршка даде и компанијата ЕВН Македонија. Град Скопје досега поддржа отворање на три дневни центри од ваков вид, тука во „Даре Џамбаз“, во Гази Баба и во општина Чаир, со што сметам дека барем малку ви го олеснивме третото доба и ви помогнавме да се социјализирате и да уживате во пензионерските денови, истакна градоначалникот Трајановски.
Досега, во рамките на проектот се реализираа посети на 120 стари изнемоштени лица во трето доба кои живеат сами или со својот брачен другар на подрачјето на општините Кисела Вода, Центар, Шуто Оризари, Чаир, Бутел, Карпош и Ѓорче Петров.
Овие стари лица беа посетувани еднаш неделно, а по потреба и повеќе пати од медицинска сестра и волонтер. Дел од корисниците со ниски примања добија лекови на месечна основа, односно околу 80 стари лица беа снабдени со основните медикаменти. Над 80 пати на годишна основа е направена лекарска интервенција со придружба на медицинската сестра на овие стари и изнемоштени корисници кои имаат потреба од поддршка во спроведувањето во здравствениот систем, а за околу 32 случаи е интервенирано за обезбедување некоја од услугите на системот за социјална заштита (надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок за слепо лице...
Медицинскиот тим составен од четири медицински сестри реализираше околу 480 посети на месечна основа. За време на овие посети секое лице, без изклучок, доби проверка на крвниот притисок и мерење на шеќер во крвта, еднаш месечно за дијабетичари и на три месеци за сите преостанати, како и контакти со матичните лекари.
Со корисниците од домашни услови беше подготвен и филм документарец по повод Светскиот ден на лицата во трето доба во соработка со Институтот за етнологија и антропологија при Природно математичкиот факултет. За волотнерите во проектот во текот на годината на секој три месеци се реализираше работилница за тимска работа, а капацитетите на тимот беа надоградени со знаења од областа на правата помош, системот за социјална заштита на РМ, психосоцијална-поддршка и практични совети за одговор при катастрофи во домот на старите лица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа