Македонските фудбалери две години ќе носат опрема од ЈАКО

 

Македонските фудбалски селекции во наредните две години ќе носат опрема од германската компанија ЈАКО. Договорот за спонзорство го потпишаа денеска претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓоргиоски и претставникот на ЈАКО Ханс Веркле, кој е експорт менаџер на ова компанија.

Договорот го опфаќа следниот квалификациски циклус, односно наредните две години. Опфатени се сите национални селекции кои на официјалните натпревари ќе ја носат ЈАКО спортската опрема. Дресовите кои ќе ги носат македонските фудбалери се специјално изработени за ФФМ,  и ги отсликуваат македонските бои и симболи и новиот бренд идентитет на ФФМ.

- Добиваме реномиран партнер, квалитетен добавувач на спортска опрема кој ќе даде дополнителна вредност во градењето на визуелниот имиџ на репрезентацијата. Склучивме поволен договор од заемен интерес, со кој продолжува нашиот напор за осовременување на Фудбалската федерација на Македонија, а опремата ќе биде значајна поддршка за националните селекции од сите категории. Новите дресови ќе бидат достапни и за нашите фанови преку официјалната фан продавница, која наскоро ќе ја промовираме. ЈАКО веќе 25 години е присутен на спортските терени во Германија, како и во повеќе други земји,  изјави претседателот на ФФМ.

Тој додаде дека функционираат под едно мото „Можеби не сме најголеми, но сме најдобри“. Дресовите, кои се од квалитетен материјал и овозможуваат да дише телото и да обезбеди најдобри услови за фудбалерите при голем напор, се специјално дизајнирани за Фудбалската федерација на Македонија.

Веркле вели дека дресовите се создадени за победници и очекува Фудбалската федерација на Македонија да има одличен успех со нивната спортска опрема.

Први кои што ќе ја употребат новата спортска опрема ќе бидат фудбалерите на А репрезентацијата на Македонија, кои на 8 септември во Валенсија играат со Шпанија во првиот натпревар од квалификациите за Европското првенство Франција 2016.

02.09.2014 - 11:30
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега