Нема да верувате: Днeвна соба во Скопје има двајца сопственици!
Извршителите вчера тропнаа на вратата на скопското семејство Цветановски во населбата Ќерамидница, чија дневна соба сега има двајца сопственици. Како што пишува Утрински Весник, се што семејството поседува сега е сместено во само четири квадратни метри, откако со судска одлука им се одземени останатите 18 квадратни метри од нивната дневна соба, кои сега се во сопственост на соседите.
-Тоа е. Дојдоа и кажаа дека ќе извршуваат. И сега ќе се убедуваме дека тука каде што е мојот ѕид некогаш имало врата. Јас тврдам дека врата немало и затоа не знам од каде ќе влезат во собава, раскажува за Утрински весник, Ивица Цветановски.
Едните сметаат дека доколку се урне ѕидот, кој сега ги разграничува соседите, во прашање го доведува и горниот кат од куќата на Цветановски, а другата страна смета дека со уривањето работите се доведуваат во претходна состојба. Овој случај досега низ судските лавиринти се влечел цела една деценија.
-Имаме судска извршна пресуда и јас, согласно со пресудата, должен сум да постапам. Сега имаме состојба која ја оспоруваат и двете страни. Едните тврдат дека се работи за ѕид кој ја држи куќата, а втората страна го тврди спротивното, појаснува Зоран Петрески, претседател на комората на извршители на Македонија.
Недоразбирањата меѓу семејствата Цветановски и Јакимовски траат безмалку цела една деценија, односно од 2005 година, кога прв пат е поведен судски процес со кој се оспоруваат 18 квадратни метри, односно најголемиот дел од дневната соба на семејството Цветановски кое, по прием на пресудата, преку нивниот адвокат ќе побара повторување на целата постапка, но нивното барање се' уште чека на одговор, пишува Утрински весник.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа