„Пријавете сообраќајна контрола“ може да добие траен карактер

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска одржа состанок со сообраќајната полиција со цел да се информира за текот на проектот „Пријавете сообраќајна контрола“. Целта на пректот „Пријавете сообраќајна контрола“ е поголема соработка помеѓу граѓаните и полицијата како и подобрување на сообраќајот.

-Правата констатација во однос на имплементацијата на овој проект е дека проектот одлично функционира. Граѓаните се однесуваат многу совесно, во смисла на пројавување на оние состојби кои навистина претставуваат проблем во одредени подрачја. Можам да кажам дека од промоцијата на проектот до нас се пристигнати 120 предлози од граѓани и при тоа се изречени 115 покани за наплата на глоба, 68 платни налози, 9 предупредувања, 2 возила се подигнати со пајак и едно возило е исклучено од сообраќај, истакна Јанкулоска.

Ова, како што истакна таа претставува показател дека граѓаните на многу сериозен начин пристапиле, добро ги идентификувале проблемите и со брзата комуникација со Министерството за внатрешни работи соодветно било реагирано со што граѓаните повратно биле информирани.

-Јас во оваа прилика уште еднаш сакам да ги охрабрам да продолжат со ваквата зголемена, интензивна и добра комуникација со Министерството за внатрешни работи, порача Јанкулоска.

Јанкулоска посочи дека забележано е благо намалување на бројот на жртвите во сообраќајот во однос на минатата година. До сега биле евидентирани 1.716 сообраќајни несреќи со потешки поседици во кои загинало 71 лице. Само на територијата на Град Скопје евидентирани биле 20 жртви.

18.08.2014 - 13:48
Фото: 
курир
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега