Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје доби нова Лабораторија за протеинска и ДНК технологија
Денеска на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје беше отворена новата Лабораторија за протеинска и ДНК технологија опремена со донација од Холандија која веднаш ќе биде во функција.
Професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна Зоран Поповски појасни дека таа е наменета за анализи на протеини и ДНК каде ќе може да се анализира секаков биолошки материјал од прехранбениот сектор.
- Во лабораторијата ќе можеме да изолираме ДНК од смоки и чипс и од најделикатни такви материјали, да провериме состав на генетски модифицирани организми во рамки на таа храна. Идејата ни е да развиеме технологии за производство на рекомбинантни протеини каде што на таков начин денеска се произведуваат вакцините и некој нутритивни протеини, рече Поповски.
Амбасадорката на Холандија во Република Македонија, Мериет Шурман ја поздрави донцијата на Холандската академија за наука поточно од нејзиниот центар за биодиверзитет.
- Се надевам дека лабораторијата ќе им биде од помош на студентитен кои го изучуваат ова поле на работа, да не учат само теорија туку да имаат и пракса. Ова е почеток за соработка на две научни институции, рече Шурман.