Брзи и вкусни летни десерти
Во топлите денови кои ни следат комбинацијата од сладолед, чоколадо и овошје ќе биде главниот избор за засладување, па затоа ќе ви требаат неколку брзи, а сочни десерти во секој дел од денот.
Но, овој пат не ви треба точен рецепт. Засукајте ги ракавите, вклучете ги сите сетила и впуштете се во овие неколку слатки експерименти.
1.Јагоди во чоколадо
Измијте ги и исушете ги јагодите. Стопете темно, млечно или бело чоколадо на пареа и секоја јагода поединечно извалкајте ја во него. Оставете ги да се оладат околу 1 час и послужете со попладневниот коктел.
2.Свежо овошје и пудинг
Направете инстант пудинг, разделете го во 2 стаклени чаши, а кога ќе се олади исечкајте јагоди, банани, ананас, малини... распоредете и уживајте.
3.Овошна салата со цимет
Исечкајте овошје по желба, на пример јаболка, банани, киви и ананас, на коцки. Ставете ги во голема чинија, исцедете сок од портокал и проросете цимет. Финиширајте ја салатата со пудинг од ванила или шлаг.
4.Овошни ражничи
Сите сакаат слатки ражничи, посебно најмладите. Изберете го своето омилено свежо овошје, исечкајте го на коцки и наредете го на стапчиња за ражничи. Со тоа можете да послужите и течно чоколадо или јогурт од ванила.
5.Печени праски
Исечкајте 4 зрели праски на половина. Ставете ги на хартија за печење и секоја праска проросете ја со кафеав шеќер, цимет и малку лимон. Печете 20-25 минути или додека праската не омекне. Послужете со сладолед.
6.Сладолед од банани
Измиксирајте 2 банани во блендер и ставете ги во калап, па во замрзнувач неколку часа. Извадете ги, полијте ги со чоколада и сладоледот е подготвен!
7.Фрапе од лубеница или диња
Измиксирајте неколку коцки лубеница или диња, додајте сладолед од ванила и карамела, малку рум и повторно измешајте. Украсете со парчиња овошје или со шлаг.
8.Топло-ладни круши
Излупете 4 крушки, ставете ги на хартија за печење и печете ги на највисока температура 15 минути. Потоа додека секоја крушка е топла, ставете ја во стаклен сад за сладолед, додајте 2 лажици сладолед од чоколадо, фстак или карамела и украсете со нарендано чоколадо.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа