Основци и деца од градинка кај Сиљановска – присуствуваа на менување на државното знаме
Денешни гости во претседателскиот Кабинет беа учениците од основните училишта „Мирче Ацев“ од општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ од општина Аеродром и децата од градинката „Весели Цветови“ од општина Кисела Вода. Заедно со своите наставници, тие ја проследија Церемонијата на свеченото менување на државното знаме којашто се случува секој втор петок во месецот, во реализација на Баталјонот за почести при македонската армија и претставува чин со којшто се оддава почит кон македонското знаме како симбол на државата. Дечињата имаа можност да ги разгледаат работните простории каде што се реализираат средбите и настаните.
Во разговор со нив, инспирирана од песните коишто ги испеаја, посветени на татковината, на градот Скопје и на сонцето, претседателката рече дека токму децата се нашите сонца, нашите месечини и нашите ѕвезди. „Вие сте нашиот живот и нашата иднина. Кога ве гледам денеска распеани и среќни и јас сум многу среќна“, истакна Гордана Сиљановска-Давкова. Говорејќи за македонското знаме, таа посочи дека црвената боја ја претставува борбата, а жолтото сонце е нашето, македонското сонце, коешто ја грее државата. „Каде што е знамето, таму е државата, таму е татковината. Понекогаш знамето како симбол, многу повеќе кажува одошто зборот. Треба да си ги почитуваме симболите, оти тие се единствени, наши, македонски“, додаде таа. Во искрен и отворен разговор, дечињата ѝ поставија многу прашања поврзани не само со нејзиниот професионален ангажман, туку и со приватниот живот. Тие беа љубопитни за нејзиното хоби, за омилената боја, храна и цвеќе, како и за одговорностите коишто ги носи функцијата Претседател.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа