Николовски: Со браната Конско реализиравме историски најголем проект за наводнување земјоделско земјиште
„Браната Конско е најголем капитален проект во водостопанската инфраструктура во последните 20 години и најголема инфраструктурна инвестиција во гевгелискиот регион во последните 50 години“, истакна членот на ЦО на СДСМ и министер за земјоделство, Љупчо Николовски во вечерашното гостување во Дневникот на Сител.
Со новата акумулација на браната Конско се обезбедува вода за наводнување на околу 8.000 хекрати во целото Гевгелиско поле. Станува збор за модерна брана, прва во државата со асфалтно јадро, која што е висока 75 метри и има капацитет од над 20.000 кубици вода. Оваа идеја потекнува од 1973 година и вчера е конечно завршена, опремата е тестирана и браната ќе почне да се полни.
Николовски информираше дека инвестицијата за изградба на браната изнесува 40 милиони евра, а во исто време се започна со проектирање на систем за наводнување кој ќе чини околу 60 милиони евра. Тој најави дека ќе се проектираат системи за наводнување на четири брани.
„Ова е историски најголем договор кој е потпишан со Германскиот конзорциум „Салц Гидер“, при што ќе проектираме систем за наводнување на браната Лисиче, изградена пред 15 години, браната Конско каде што имаме најголем систем за наводнување, како и Страиште и Пепелиште во Неготино. Со ова во вкупно осум општини го решаваме проблемот со системи за наводнување. Проектот ќе се реализира во следните четири години за време на кои сите овие системи за наводнување треба да бидат веќе во функција“, потенцираше Николовски.
„Без наводнување нема модерно и конкуретно земјоделство. Со реализацијата на овој капитален проект, голем дел од Велес, Чашка, Неготино, Демир Капија, Дојран, Валандово, Богданци, буквално целиот тој регион ќе биде покриен со модерни системи за наводнување. Со тоа за пет пати ќе ги зголемиме површините под системи за наводнување, со што ќе се зголеми и домашното производство на храна“, истакна Николовски.
Министерот за земјоделство објасни дека веќе во целост е решена неизвесноста со закупот на земјоделско земјиште и потенцираше дека ниту еден договор за закуп не е раскинат, ниту пак е одземено владение од земјоделците. Говорејќи за откупната цена на тутнот, истакна дека годинава е постигната рекордна цена, која за прва класа изнесува 365 денари за килограм односно заедно со 100 денари субвенции достигнува историски највисоки 465 денари за килограм тутун.
11.03.2024 - 21:59
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа