Николоски: Во фокусот е модернизација на инфраструктурата и унапредување на регионалната поврзаност

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек.

На средбата се разговараше за имплементација на Договорот за транспортна заедница кој е во согласност со започнатиот процес на интеграција во европските структури.

Министерот Николоски го потенцираше значењето на реализација на проектите во делот на патната и железничката инфраструктура на Коридорите 8, 10 и 10 - д како дел од Европската мрежа на транспортни коридори. Тој увери за силната заложба на Владата за унаредување и модернизација на истите.

На средбата се отворија и прашања за поголема соработка и поврзаност со земјите од регионот.

“Верувам дека Договорот за основање на транспортна заедница на подолг рок, ќе придонесе за подобрена ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за корисниците на транспортот, преку отворање на пазарите и зајакнување на конкуренцијата. Се надевам дека преку спроведувањето на Договорот за транспортна заедница целосно ќе се интегрира регионот во Европското транспортно семејство и ќе ја надополни политиката на проширување на Заедницата,“ истакна министерот Николоски на средбата.

04.07.2024 - 16:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега