Николоски: Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека уставни измени под бугарски диктат нема да има
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има“, нагласи Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „360 степени“ на МРТ.
-Доколку Бугарија сака било какво придвижување во однос на т.н. малцински права тие така ги именуваат во Бугарија, во тој случај ние мораме да ја видиме најрелевантната институција за малцински и човекови права во Европа, тоа е Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таму резултатот е 14:0, има 14 пресуди во корист на Македонците во Бугарија, и нула пресуди во корист на Бугарите во Македонија, појасни тој.
Николоски додаде дека доколку Бугарија сака да разговара со Македонија за околу 700-тини луѓе кои што кажале дека зборуваат бугарски јазик и се чувствуваат Бугарија во Македонија, фер е за стотици илјади Македонци кои што не можат да се декларираат на попис како Македонци во Бугарија да се спроведат пресудите од Стразбур.
-Ние пред година дена велевме ајде да почнеме со три, но секако дека нема да застанеме на три. Затоа што Бугарија како земја членка на ЕУ и на Советот на Европа, а Македонија е само членка на Советот на Европа, бара да се почитуваат малцински и човекови права мора и самата да ги почитува истите, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека во однос на човекови права ЕУ не создаде свој суд туку го прифати Судот во Стразбур.
-Доколку Бугарија се обидува да наметнува нешто мора и самата да почитува. Не може да немаме реципроцитет. Не може Бугарија нас да не уценува и да настапува од позиција на сила, нагласи тој.
Николоски додаде дека очекуваат спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа