Николоски: Имаме добра соработка со Светска банка
Урбан развој на општините и подобрување на локалната економија е еден од приоритетите на Владата, истакна заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на средбата со Шаошинг Ју, директорка на Светска банка за Западен Балкан и Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска Банка за Македонија и Косово.
Министерот Николоски потенцираше дека Владата преку Министерството за транспорт го започнува најголемиот инвестициски циклус во развој и модернизација на целокупната инфраструктурата.
Според министерот, инвестициите во капитални добра носат дополнителен бенефит за граѓаните и ја стимулираат економијата на државата.
На средбата со претставниците од Светска Банка се разговараше и за реализација на инфраструктурните проекти што се реализираат токму со финансиска поддршка од Банката.
Министерот го потенцираше проектот “Олеснување на транспортот и трговијата за Западен Балкан” преку кој во скоро време ќе започне реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир.
Исто така во рамки на соработката со Светска банка се посочи и проектот за воведување на едношалтерски систем преку кој ќе се зголеми ефикасноста во работењето на сите гранични премини.
Министерот изрази благодарност за досегашната соработка посебно во делот на изградба и реконструкција на локалните улици и патишта како клучен проект за урбан развој на општините и подобрување на безбедноста во сообраќајот.
„Светска банка е долгогодишен партнер на Македонија. Имаме одлична соработка особено за проекти во ресорот со кој раководам. Во следниот период ќе реализираме сериозни инфраструктурни проекти предвидени во владината програма за работа и таму кај што ќе имаме обостран интерес би можеле да ја зголемиме соработката со Банката. Нашата цел е на граѓаните да им овозможиме квалитетна и безбедна инфраструктура бидејќи парите што тие ги даваат во буџетот мора разумно да ги инвестираме во издржани проекти”, истакна министерот Николоски по средбата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа