Словенечкиот јавен сервис бара забрана за учество на Израел на Евровизија поради војната во Газа
Словенечкиот јавен сервис – Радио телевизија на Словенија – побара на Израел да му се забрани учество на Евровизија во 2025 година поради војната во Појасот Газа.
Раководството на РТВ Словенија минатата недела гласаше да побара од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) да му забрани на Израел да учествува на натпреварот следната година во Швајцарија, објави денеска Тајмс оф Израел.
Истовремено, не беше прифатен предлогот Словенија да се повлече од тоа натпреварување, доколку се дозволи учество на Израел, ниту пак Словенија да игнорира евентуален израелски настап.
ЕБУ посочи дека нема да ги исполни барањата за забрана на учество на Израел следната година.
Оваа недела, сепак, имаше предупредувања дека затворањето или приватизацијата на израелскиот јавен радиодифузен сервис Кан може да го загрози неговото идно учество на натпреварот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа