Нешковска: Со ВМРО-ДПМНЕ секој нов месец е нов удар врз стандардот на граѓаните

 


Инфлацијата вртоглаво расте – со ВМРО-ДПМНЕ секој нов месец е нов удар врз стандардот на граѓаните, изјави на денешната прес-конференција на СДСМ, Ема Нешковска заменик-претседателка на Форумот на жени.

Државниот завод за статистика објави алармантни бројки – инфлацијата на годишно ниво изнесува 4,8%, истакна Нешковска.

„Овие катастрофални бројки не се на „четврта економија“ туку на економија во слободен пад. Резултат на тотално промашените економски политики на Владата на Христијан Мицкоски.

Речиси сè е поскапено, а најмногу храната и основните производи.

Животот станува сè потежок, граѓаните имаат сè помалку пари, илјадници семејства во Македонија едвај врзуваат крај со крај.

Родителите се приморани да се откажуваат од многу работи за да можат да обезбедат оброк за своите деца, прават секојдневни математики – дали да платат сметки или да купат основни намирници.

И додека народот едвај врзува крај со крај и секојдневно се бори со високите цени, премиерот Мицкоски уште „анализира““, посочи Нешковска.

Нешковска нагласи дека власта тврдоглаво ги одбива конкретните предлози на СДСМ за намалување на цените и зголемување на платите.

„Не може народот да биде на леб и сол и да чека мерки, додека владините функционери се луксузираат и се гоштеваат со папаја и манго.

Не требаат „анализи“ и промашени мерки со „кошнички“. Владата има готови предлози од СДСМ – нека ги реализира: укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори.

Само на овој начин цените ќе се намалат а ќе се заштити стандардот и понатамошното осиромашување.

Времето на владина незаинтересираност и арчeње на парите на граѓаните мора да заврши.
Сметката секој ден ја плаќаат граѓаните“, потенцираше Нешковска.
08.08.2025 - 10:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега