Мисајловски: Криволак е клучна точка за меѓународна одбранбена соработка и зајакнување на НАТО

 


Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска заедно со претседателката Гордана Сиљановска – Давкова и премиерот Христијан Мицкоски беа сведоци на уште едно историско поглавје за нашата армија и држава.

На полигонот „Криволак“ се одржува најголемата мултинационална вежба годинава – „Immediate Response 25“, дел од серијата „Defender Europe“.

Министерот за одбрана, во своето обраќање рече дека вежбата претставува јасна демонстрација на посветеноста на македонската Армија кон националната и регионалната безбедност, како и стабилноста на Алијансата.

– Преку планирање, организација и реализација на ваков тип на вежби заедно со американската Армија, Командата на Копнените сили на САД за Европа и Африка, ја зајакнуваме подготвеноста на НАТО и интероперативноста меѓу нашите сојузници и нашите партнери. На овој начин ги унапредуваме способностите за одвраќање и одбрана и ги зацврстуваме националните безбедносни и одбранбени планови и одбранбените планови на Алијансата, додаде тој.

Притоа рече дека денешниот успех е резултат на посветеноста и работата на секој еден припадник во Армијата.

– Дополнително, вежбата претставува и силна потврда за подготвеноста на припадниците на декларираната Лесна пешадиска баталјонска група во пресрет на претстојното оценување во 2026 година. Како земја домаќин на вежбата сакам да ја потенцирам важноста и стратешката позиција на нашиот полигон за обука „Криволак“ кој е уникатен капацитет за извежбување со можност за реализација на вежби од големи размери, истакна Мисајловски.

Додаде дека со учество на над 2.200 војници од земји-сојузнички во НАТО, оваа вежба е симбол на нашата подготвеност, соработка и посветеност кон заедничката безбедност и стабилност на регионот и пошироко.

Тој воедно упати честитки до организаторите – македонската Армија и Министерството за одбрана како домаќини и Армијата на САД кои овозможија оваа комплексна вежба која вклучува бројна опрема – инженериски и оклопни возила, тенкови, борбени, транспортни и транспортно медицински хеликоптери, да се реализира успешно и ефикасно.

-Благодарност до Командата на Армијата за САД за Европа и Африка, до генерал -мајор, Левон Камптон, до Националната гарда на Вермонт и командантот, генерал-мајор Грегори Најт, како и до амбасадорката на САД, Анџела Агелер за одличната соработка. Криволак станува клучна точка на меѓународната одбранбена соработка и центар каде ја зацврстуваме нашата интероперабилност која е клучот за безбедна Алијанса. Горди сме што сме домаќини на ваков настан и што придонесуваме кон глобалната безбедност, истакнува министерот за одбрана.

Вежбата „Immediate Response 25“ е втората фаза од најголемата вежба на американската армија во Европа, вежбата за „Динамично ангажирање на силите во Европа за одвраќање и зголемена подготвеност на НАТО“ (DEFENDER 25). Покрај седум други европски земји, Република Северна Македонија е една од земјите домаќини, каде што во активностите кај нас се вклучени повеќе од 2200 армиски припадници од седум НАТО земји членки и две земји партнери на Алијансата.

Целите на оваа вежба се повеќекратни, а меѓу најзначајните се: синхронизација на комбинираните вооружени сили и потврда на тактиките, техниките и процедурите за изведување на координирани конвенционални и здружени операции во различни временски услови, како и подобрување на интероперабилноста на декларираните состави преку извежбување со земјите партнери. Дополнително, цел на вежбата е и градење поголема подготвеност и оперативна синхронизираност меѓу армиите на НАТО и партнерските земји низ сложени и симултани операции во повеќе зони.

02.06.2025 - 16:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега