Мицкоски: Гоце Делчев е дел од македонскиот идентитет, неговото дело не смее да биде заборавено
Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со претставници на македонската Влада положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод одбележувањето на 153-годишнината од неговото раѓање.
Мицкоски го честиташе денот од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев и посочи дека македонската Влада во иднина треба да има традиција во чествувањето на овој ден, бидејќи, како што рече, Гоце Делчев е дел од македонскиот идентитет.
– Дозволете ми на целата македонска јавност да го честитам родениот ден на македонскиот великан, идеолог и јунак Гоце Делчев. Тоа што го правевме во минатото продолжуваме да го правиме и како Влада. Цениме дека македонската Влада треба да има традиција во иднина да го чествува овој ден, бидејќи ова е наш македонски великан, којшто е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено, рече Мицкоски.
Во чест на раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, повеќе делегации денеска положија цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа