Меџити: Предлозите за министри се спремни, Азир Алиу е нашиот избор за здравство
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити информира дека се работи на предлозите за министри и дека тие деновиве ќе бидат доставени до Владата.
Како што истакна Меџити, се комплетира листата и со членови на Владата и со заменици и со други позиции.
Првиот вицепремиер смета дека Азир Алиу е најдобар предлог за министер за здравство, како и дека новиот директор на Центарот за управување со кризи од Вреди може да го надмине темпото на работа на досегашниот Стојанчер Ангелов.
-Деновиве се комплетира листата и со членови на Владата и со заменици и со други позиции. Се работи на тоа, деновиве предлозите ќе бидат доставени. Во однос на Алиу, мислам дека е најдобар предлог за таа позиција. Министер треба да биде добар менаџер кој го познава системот и кој може да придонесе за подобрување на ресорот. Алиу мислам дека е најдобар предлог за таа позиција, нагласи Меџити по промоцијата на проектот Avant2Go - модерен систем за целосно електрично споделено возење.
Меџити информира и дека вчера 10 членови од Алијанса за Албанците на чело со Арбен Фетаи се вклучиле во претседателството на Вреди. На синоќешниот состанок на партиското централно претседателство избран е Аднан Азизи за шеф на штабот, тој елаборирал за формираниот тим и за отворањето штабови во сите градови каде Вреди претендира за локалните избори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа