За Македонците европски производи со ниски цени: Менаџментот на германската компанија на гости кај министерот
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески денеска се сретнал со менаџментот на германската компанија „Лидл“ која е во фаза на изградба на маркети на повеќе локации низ државата и на логистички центар во индустриската зона во Куманово.
На средбата, како што соопшти Министеството за економија, се разговарало за динамиката на реализација на инвестицијата на оваа германска компанија, а било посочено дека компанијата е во процес на воспоставување на соработка со голем број македонски компании чии производи ќе бидат дел од асортиманот на „Лидл“.
Заменик-министерот за економија потенцирал дека Владата стои на располагање за надминување на сите прашања и евентуални потешкотии со кои би се соочиле во текот на нивните активности.
- Тој изрази надеж за што е можно побрзо отворање на маркетите со што на македонскиот пазар би имале производи со европски стандарди и цени прифатливи за нашите граѓаните, како и за што е можно поголема застапеност на домашни производи во нивните маркети во Македонија и регионот, информира Министерството за економија.
На состанокот од страна на германската компанија присуствувале Милена Драгиска-Денчева, главен извршен директор на „Лидл“ - Бугарија, Рубријан Хаџиев, главен оперативен директор на „Лидл“ за Македонија и Теодора Хаџи-Димова Танаскоска, директорка за човечки ресурси во „Лидл“ - Македонија.
Лидл е најголемиот европски синџир за малопродажба на храна, застапен во 31 земјa со околу 12.000 продавници и повеќе од 360.000 вработени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа