Министерката за договорот со Британците: Се ќе биде според закон
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска одговарајќи на пратеничко прашање за Договорот со Велика Британија денеска изјави дека задолжувањето и проектите што ќе се реализираат ќе бидат согласно нашите закони.
- Договорот вели пет милијарди фунти кои што ќе можат да ги користиме во рок од десет години или кога би одело годишно или би имале зрели проекти, по 500 милиони евра, тоа е повлекувањето. Рокот на отплата зависи од самите проекти. Физибилити студијата ќе покаже дека можеби некои проекти ќе се враќаат на 12, на 15 години, изјави Димитриеска-Кочоска.
Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ ја праша министерката за финансии дали со Договорот со Велика Британија целосно ќе го суспендира Законот за јавни набавки и дали веќе се познати фирмите коишто ќе бидат ангажирани за реализација на проектите. Она што ја интересираше Лукаревска е и тоа дали финансирањето ќе се одвива преку UK Export Finance (UKEF), чии услови подразбираат дека минимум 30 проценти од вредноста на финансираните проекти ќе оди кај британски компании или како плаќања во Велика Британија.
- Јас не знам како работи UKEF, ја знам како функционира Законот за јавен долг и член 16 којшто вели дека ќе побараме понуди за финансирање без условување. Тоа значи ќе ни дадат понуда за каматна стапка за долг на отплата за грејс период коишто се поврзани со проектот. Законот за јавен долг не препознава условувања и тука треба да ни биде јасна работата, рече Димитриеска Кочоска.
Секое условување, како што кажа таа, ќе значи дека таа понуда е ништовна согласно Законот за јавен долг.
- Имаме закони, никој не кажал дека ќе биде нешто надвор од законот. Граѓаните можат да бидат спокојни и сигурни дека постапката ќе биде транспаретна и дека се што нема да биде во рамки на закон, нема да биде прифатено, ниту ќе биде дел од постапката, рече Димитриеска Кочоска.
Зборувајќи за јавниот долг кажа дека во 2017 година јавниот долг беше четири милијарди 787 милиони евра, а во 2023 година бил осум милијарди и 477 милиони евра.
- Во 2021 имаме фрапантно зголемување бидејќи под тие антикризни мерки, имаше злоупотреби, имаме зголемување од фрапантни 690 милиони евра. Во 2025 година за првпат имаме намалување од 36 милиони евра. Мислам дека тоа повеќе од јасно покажува како работи Владата и Министерството за финансии, рече министерката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа