Меџити: Нема потреба од предвремени избори - Владата е стабилна

 

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на прес-конференција извести дека вечерва нема да се одлучува кој ќе биде претседател на коалицијата ВЛЕН.

„Денеска треба претседателството на ВЛЕН да се конституира, за другото, формирање на штаб, влегуваме во кампања за локални избори, анкети, штабови, избор на кандидати, листи ќе бидат предмет на новото претседателство на ВЛЕН“, кажа Меџити.

Во однос на тоа кога ќе биде изборот за претседател, Меџити одговори дека работат на тоа.

На прашањето дали ќе има предвремени парламентарни избори, министерот одговори дека не гледа потреба за тоа.

„Избори ќе има локални во октомври, може да се мериме, граѓаните ќе го кажат своето мислење и за нив и за нас. Не гледам потреба за предвремени избори, ни бројките го наложуваат тоа, ниту ситуациите, има стабилна Влада која што можеби има најголем број на пратеници во историјата на Македонија“, кажа Меџити.

Министерот на прес-конференцијата информираше дека ВЛЕН ќе има заеднички кандидати, заеднички листи, заедничка програма на претстојните локални избори.

„Немало пример во историјата на државата, но можеби и во регионот, каде што една коалиција функционира во владата, а на локални избори да оди со посебни листи. Тоа го нема ниту во македонскиот, ниту во албанскиот блок. Тоа е само да се приближат до Демократската унија за интеграција, да се вратат кај ДУИ, и покрај нашите понуди тие одлучија да бидат заедно со ДУИ и со Ахмети. Тоа се гледа од изјавите на Таравари којшто има пофалби за владеењето на ДУИ, а избега од тоа владеење.

Но, тоа е нивна работа. Тие треба да објаснат кај членството зошто требаше да се подели Алијанса за да избега од ДУИ. Немаше да има потреба, ќе имаше една Алијанса, а не сега дел од Алијанса да се врати таму. Ставот на ВЛЕН е дека ВЛЕН ќе има заеднички кандидати, заеднички листи, заедничка програма. ВЛЕН се отвора кон невладиниот сектор, кон најдобрите, најшколуваните, најпрофесионалните Албанци. Ќе имаме и независни кандидати коишто ќе имаат поддршка од ВЛЕН. Не мораат да имаат партиски дрес за да бидат кандидати за градоначалник поддржан од ВЛЕН. Се отвораме кон граѓаните, кон цивилниот сектор, кон професионалците и мислам дека на тој пат ќе опстоиме и ќе биде доволно за уште еднаш да ја потврдиме победата од парламентарните на локалните избори“, изјави Меџити.

Претходно Министерот за здравство и лидер на едното крило од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кажа дека не отстапува од одлуката на локалните избори да одат со сопствени советнички листи иако на власт дојдоа како дел од коалицијата „Вреди“.

29.04.2025 - 17:22

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега