Медениот месец на Џонсон на Балканот: 640 евра за ноќевање и пршута од мечка
Британскиот премиер во заминување со сопругата Кери го поминал медениот месец во Словенија, а деталите од нивниот раскошен одмор ја шокирале британската јавност која е соочена со зголемена стапка на инфлација, пишуваат медиумите во регионот.
Според написите, Џонсон и неговата сопруга Кери го поминале својот мини меден месец по свадбата во еко-хотел во оддалечените планини на Словенија.
Тие, според напишаното од агенциите, престојувале во вилата Планинка која се наоѓа на 30 минути од Љубљана. „Хотел со пет ѕвезди, каде цените се движат до 640 евра за ноќ, на своите гости им нуди вегански тоалети и вода со „највисока содржина на магнезиум во Словенија“.
Ниту една од 23-те соби нема телевизор, а Wi-Fi е достапно само во лобито, додека во собите се инсталира само доколку гостите го побараат тоа.
По заминувањето на Џонсон, сопственичката на хотелот Катја Батајељ и нејзината ќерка Лана за „Телеграф“ изјавиле дека тој бил еден од најпријатните гости.
„Беше воодушевен од храната и пијалокот. Да беа сите гости како него, ќе бевме среќни“, изјавила сопственичката на хотелот.
Според неа, брачниот пар Џонсон сакал да планинари, а пливале и во локалното езеро и посетиле пештери.
Ресторанот, анализираат медиумите, за своите гости во менито се потпира на локалниот див свет почнувајќи со „образи од мечки“ и „пршута од мечка“ на менито за дегустација, кое се состои од седум јадења по цена од 78 евра (66 фунти).
Кога во јавноста излегоа деталите за одморот на Џонсон, Британците реагираа прилично бурно. Имено, додека сега веќе поранешниот премиер ноќеваше во луксузен хотел во Словенија за 640 евра, стапката на инфлација во Британија достигнува историски максимум, пишуваат тамошните гласила.
Годишната стапка на инфлација во Велика Британија го достигна највисокото ниво во последните 40 години, бидејќи руската инвазија на Украина поттикна дополнително зголемување на цените на храната и горивото.
Инфлацијата во претходните 12 месеци изнесува 9,0 отсто, што е најголем годишен раст на цените на мало во Велика Британија од 1982 година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа