Марш за Сребреница: Страшното злосторство да не се повтори никаде и никогаш
На ниеден народ, на ниедна вера и на ниедна нација да не и се случи Сребреница, ова е пораката која денеска беше испратена на традиционален комеморативен „Марш за Сребреница“ во Скопје.
Маршот се одржа во знак на почит и сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
- Денеска се сеќаваме на страшното злосторство, геноцид кој е сторен во нашата матична држава Босна и Херцеговина каде се убиени преку осум илјади Бошњаци. Убиени се многу повеќе Бошњаци во тие денови, но масакрот кој е направен во Сребреница и кој според меѓународниот суд е окарактеризиран како геноцид е нешто најголемо и нешто најстрашно и затоа овој ден е ден во кој се сеќаваме на страшното злосторство, истакна Џеват Хот, претседател на бошњачкиот Национален совет и организатор на маршот.
Во пресрет на маршот е одржана ликовна средба на ликовни уметници кои изминатите пет дена изработиле уметнички дела на тема Сребреница, и тие беа изложени на плоштадот „Македонија".
-Со нивните слики уметниците сакаа да го покажат страшното злосторство што се случило. Имавме уметници од цела поранешна Југославија и сите тие се здружија со цел на луѓето од целиот свет да им испратат порака дека ова што се има случено во Сребреница да не се повтори веќе никаде и никогаш. Сведоци сме дека сега нешто слично има во Украина што не треба да се случи, порача Хот.
Маршот започна во 18:30 часот во Чаир, преку булевар „Џон Кенеди“, Стара скопска чаршија, плоштад „Филип Втори“, и заврши на плоштад „Македонија“ каде што се одржа комеморативна програма за сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа